Во Вишиот суд во Белград заврши и последниот судски процес во рамки на случајот „Рибникар“, трагедија која пред две години ја потресе Србија. Постапката беше покрената од семејството на ранетото дете против родителите на малолетниот К. К., кој изврши вооружен напад во основното училиште „Владислав Рибникар“.
На последното рочиште беа прикажани три кратки видеозаписи од стрелиштето на клубот „Партизан“, на кои се гледа како малолетниот К. К. добива обука за ракување со огнено оружје од страна на претседателот на клубот Ратко Ивановиќ. На снимката се слуша како му дава упатства за држење на оружјето и го предупредува „да не става прст на обарачот ако не е подготвен за опалување“.
Ивановиќ претходно призна вина во кривичниот процес и склучи спогодба со обвинителството, при што беше осуден на пет месеци домашен затвор.
Адвокатот на семејството на повреденото дете, Стефан Радивојевиќ, истакна дека за време на обуката бил присутен и таткото на К. К., кој дал согласност за учеството на својот син, и дека без таа согласност обуката не би можела да се одржи. Тој додаде дека обуката не соодветствувала на психофизичкиот развој на детето, што довело до трагичните последици.
Одбраната на семејството Кецмановиќ, застапувана од адвокатката Марина Ивеља, тврдеше дека таткото го обучувал синот само за користење на воздушно оружје, а не на огнено. Таа посочи дека видеото било снимено во момент кога таткото и синот веќе ја напуштале стреланата, но биле задржани од Ивановиќ, кој спровел кратка демонстрација со огнено оружје.
„Таткото не бил свесен дека е забрането малолетно лице да ракува со оружје, бидејќи обуката ја водел претседател на стрелачки клуб пред повеќе присутни лица,“ изјави Ивеља.
Судијата ја заклучи јавната расправа, со што овој процес е формално завршен. Пресудата ќе биде објавена наскоро на веб-страницата на Вишиот суд во Белград.