Словенечкиот бенд Joker Out, познат по настапот на Евровизија 2023 и бројните настапи низ Европа, ќе биде дел од следното издание на фестивалот Skopje Calling. Настапот е закажан за 29 јуни 2025 година, на Стадионот на АРМ во Скопје.
Бендот, кој последниве неколку години бележи растечка популарност, особено меѓу помладата публика, има зад себе соработки со имиња како Elvis Costello, како и распродадени настапи во неколку европски држави, меѓу кои Англија, Полска и скандинавските земји. Нивниот настап во легендарната Electric Ballroom во Лондон, како и виралниот настап на Евровизија, дополнително го зголемија нивниот профил надвор од родната Словенија.
Организаторот Авалон продукција најави дека Joker Out ќе биде еден од хедлајнерите на Skopje Calling 2025, покрај веќе најавените имиња Massive Attack и Nick Cave. Настанот се планира како open-air концерт, а билетите ќе бидат пуштени во продажба од среда, 16 април, онлајн преку avalonbooking.mk и мрежата на karti.com.mk.
Skopje Calling е фестивал кој последниве години се позиционираше како платформа за настапи на регионални и светски музички имиња пред домашната публика.