Секој родител или наставник што денес има контакт со тинејџери или деца, знае дека во нивниот јазик често има непознати фрази, звучни ефекти, чудни гестикулации и мистериозни зборови што изгледа немаат никакво значење. Но, зад тие наизглед бесмислени зборови, често се крие многу повеќе: идентитет, бунт, креативност – но и ризик.
Што е „six-seven“ и зошто е толку популарен?
Најновата фраза што ја освои младата популација – и ги доведе наставниците до работ на нерви – е: „Six-seven!“
Оваа фраза, која на прв поглед не значи ништо, потекнува од рап песна на артистот Skrilla – Doot Doot (6 7), објавена во 2024 година. Според некои, се однесува на улица, полициски код или висината на кошаркарот ЛаМело Бол (6 фути и 7 инчи). Но денес, значењето веќе не е важно. Тоа е вирален сленг што младите го извикуваат без контекст, често на часови, само за да предизвикаат реакција или се насмеат.
Во еден момент, фразата доби и гест: двете дланки се подигнуваат нагоре-долу, како вага – што додава слоевитост на оваа безначајна фраза. Од TikTok до YouTube Shorts, „six-seven“ се претвори во меме, парола, шега без поента што стана интернет код за „јас сум кул и надвор од контрола“.

„Italian Brainrot“: мемењата добиваат сопствен универзум
Друга актуелна појава е т.н. „Italian brainrot“. Тоа е тренд со бизарни, AI-генерирани ликови кои зборуваат на чуден, „италијански“ начин, пеејќи фрази како „Tralalero Tralala“ или „Ballarino Cappuccino“.
На прв поглед, видеата се само смешна апсурдност. Но под хаосот се крие поента: хуморот што не мора да има смисла. Младите – особено Gen Z и Gen Alpha – ја сакаат оваа апсурдност, бидејќи не мора да објаснуваат ништо. Тоа е нивен јазик, надвор од контролата на возрасните, брендовите и традиционалните медиуми.
Но, како и кај „six-seven“, не секогаш е безопасно.
Некои верзии на овие видеа содржат навредливи или насилни пораки скриени зад хуморот.
На пример „Tralalero Tralala“ звучи смешно, но содржи богохулни пцовки во италијанскиот текст. Ликот „Bombardiro Crocodilo“ спојува бомбардер со крокодил и зборува за бомбардирање деца во Палестина – претворајќи реално насилство во меме. „Tung Tung Tung Sahur“ го имитира исламскиот обичај на будење за сахур, но во некои видеа звучи како исмевање на исламот.
Во овие случаи, виралната природа на мемето го маскира навредливиот контекст – и децата, несвесно, го шират натаму.
Од каде доаѓа оваа потреба за сленг и меме-култура?
Психолозите велат: хаосот е привлечен. Во време на стрес, неизвесност или дигитална презаситеност, младите бараат содржина што ги изненадува, насмее и шокира. А интернетот – особено TikTok – е совршен канал за тоа.
Сленгот и мемињата служат и за обележување на припадност: ако го разбирате шегите тогаш сте популарни. Бунт против авторитетот: викањето „six-seven“ на час е начин да се искаже непослушност, без директна конфронтација. Креативност– многу деца сами создаваат видеа со овие ликови, креирајќи сопствени верзии на мемиња.
Овие трендови стануваат дел од дигиталниот фолклор, тоа е култура што ја создаваат младите, без вмешаност од институции или медиуми.

Што е ризикот?
Иако повеќето вакви фрази и мемиња се навидум безопасни, три главни ризици заслужуваат внимание. Пред се поради ширење на несоодветна содржина. Многу видеа содржат скриен говор на омраза, насилство или дискриминација. Децата не го разбираат тоа – но го репродуцираат. Потоа заради нарушена концентрација и зависност од хаос. Постојаното консумирање на брза, хаотична содржина може да влијае на способноста за фокус, смирување и длабоко размислување. Изолација од реалниот свет е секако важен фактор.Кога секојдневниот јазик се сведува на фрази од интернет – „six-seven!“, „skibidi“, „tralalala“ – се губи способноста за реална, емоционална комуникација.
Сленгот и мемињата кај младите се дел од нивниот дигитален идентитет – и не треба да ги гледаме со презир. Но, како и секоја култура, и оваа има свои граници, скриени пораки и ризици.„Six-seven“ можеби ќе исчезне за неколку месеци. „Italian brainrot“ ќе биде заменет со нешто уште поапсурдно. Но прашањето останува исто: Како ќе им помогнеме на децата да се движат низ хаосот на интернетот со свесност, љубопитност и одговорност?