Израелската влада очекува договорот за прекин на огнот и за размена на заложници во Газа да биде објавен доцна вечерва или, пак, утре. Веста со која се информира и дека е постигнат голем напредок во преговорите, ја пренесе CNN.
Се очекува, посредникот Катар наскоро да одржи прес-конференција, но се уште не е јасно што ќе биде кажано.
Доколку договорот биде финализиран, имплементацијата најверојатно ќе започне во недела. Се очекува Хамас да ослободи 33 заложници во текот на првата фаза од новиот договор. Во исто време стотици палестински затвореници треба да бидат ослободени од израелските затвори.
Ослободувањето на заложниците ќе биде првата фаза од финализирањето на договорот. Преговорите за постигнување на втората фаза – која е наменета за ставање крај на војната – би започнале на 16-тиот ден од спроведувањето на договорот.