СКРМ: Во името на граѓаните, се потврдува дека културните работници се жртва на незаконски решенија

Со оваа пресуда, додаваат оттаму, Судот потврди дека правата на културните работници се повредени со незаконито донесени решенија за плати

Синдикатот на културните работници, денеска на прес-конференција информираше дека е добиена првата судска одлука од 800те поднесени тужби за прекрушувања на правата на културните работници поради незаконските одлуки за пресметка на нивните плати.

„Во ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ и културните работници, СКРМ објавува: Се УСВОЈУВА првата добиена тужба од серијата од 800 судски постапки кои се поднесени за заштита на правата на вработените во културата! Се ПОТВРДУВА дека културните работници се жртва на незаконити решенија и неправедна пресметка на платите! Се НАЛАГА на институциите конечно да го почитуваат законот и достоинството на работниците во културата“ наведуваат од СКРМ.

Со оваа пресуда, додаваат оттаму, Судот потврди дека правата на културните работници се повредени со незаконито донесени решенија за плати, и дека законитата основа мора да се почитува!

„Оваа прва победа е јасен доказ дека борбата за достоинство во културниот сектор е апсолутно оправдана и правно издржана! И покрај предупредувањата на СКРМ за исходот на неправно изготвените решенија Министерството за култура остана глуво, а резултатот го кажа Судот со првата пресуда, во корист на вработените. Со оваа пресуда се поставува темел за сите останати 799 постапки што следат.“ велат од Синдикатот.

Од друга страна, со своја реакција се јави и Министерството за култура и туризам од каде преку соопштение информира дека до нив не е пристигната никаква официјална информација поврзана со изнесените ставови на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ).

„Во врска со денешната прес-конференција организирана од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Министерството за култура и туризам ја информира јавноста дека до овој момент до институцијата не е пристигната никаква официјална информација поврзана со изнесените наводи. Министерството нема никакви конкретни сознанија ниту за тоа за која институција се однесуваат истите“ се вели во соопштението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни