Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) реагираше на упатството за пресметка на платите во културните установи, донесено од Министерството за култура, оценувајќи дека тоа е спротивно на Колективниот договор и на важечките законски одредби.
Во одговорот доставен до телевизија Телма, Министерството за култура тврди дека упатството донесено од министерот претставува „единствен законски начин“ за пресметка на платите во културата. Како аргумент, Министерството се повикува на тоа што не биле изменети коефициентите по работно место утврдени во член 66 од Колективниот договор за култура, кои, според договорот, требало да бидат зголемени за 10% уште во септември 2023 година.
СКРМ го оспорува ова тврдење и наведува дека на синдикатот во 2023 година никогаш не му било понудено зголемување на коефициентите по член 66. Наместо тоа, според нив, било предложено потпишување анекс на Колективниот договор со кој се барала измена на член 65, односно начинот на пресметка на платата, како и измена на членовите 82 и 83. Синдикатот оценува дека ваквиот анекс би довел до суштинско разградување на договорните решенија и воведување нов начин на пресметка што не е предвиден со договорот.
Според СКРМ, Министерството со ваквото образложение создава впечаток дека синдикатот одбил зголемување на коефициентите во 2023 година, што тие го нарекуваат манипулација и извртување на фактите. Синдикатот тврди дека ваквото толкување е искористено како основа за донесување на упатството и за негово наметнување како задолжително.

Во реакцијата се посочува и дека Министерството постапува врз основа на упатство кое, според синдикатот, не е усогласено со Колективниот договор, при што се игнорираат и повеќе судски одлуки донесени во корист на вработените. СКРМ наведува дека постојат пресуди донесени од пет различни судии и четири различни судови, кои, според нив, укажуваат на незаконско постапување од страна на Министерството. Дел од тие пресуди се обжалени, но синдикатот смета дека нивната содржина не смее да се игнорира.
Дополнително, СКРМ укажува дека со примената на упатството донесено во април 2025 година, на вработените во културата им се исплаќаат пониски плати во споредба со она што би следувало доколку се применеле одредбите од Колективниот договор. Според нивните пресметки, разликата изнесува околу три проценти.
Синдикатот критикува и што официјалните документи поврзани со упатството, според нивните наводи, не содржат потписи на изготвувач и одобрувач, туку само потпис на министерот, што, според СКРМ, не е вообичаена административна пракса.
Во заклучокот од реакцијата, СКРМ наведува дека Министерството не постапува во согласност со Колективниот договор и законите, туку, како што тврдат, наметнува решенија што директно ги намалуваат правата и примањата на вработените во културата. Синдикатот најавува дека упатството и образложенијата што го придружуваат ќе бидат користени како доказ во судските постапки.

