„Скриениот човек“ од Андреј Платонов – ново издание на „Илика“ со три значајни новели

Култен автор на рускиот модернизам повторно достапен на македонски: во новата едиција „Класици“ објавени новелите „Скриениот човек“, „Враќање“ и „Реката Потудањ“ во превод на Милена Николовска

Издавачката куќа „Илика“ го објави новото издание „Скриениот човек“, книга во која се собрани три новели од рускиот автор Андреј Платонов. Станува збор за прв наслов во новата едиција „Класици“, а преводот од руски на македонски јазик го направи Милена Николовска.

Во книгата се вклучени новелите „Скриениот човек“, „Враќање“ и „Реката Потудањ“, дела од обемниот прозен опус на Платонов. Неговото творештво денес се смета за едно од најзначајните во руската литература на XX век, а често се поврзува со автори како Даниил Хармс, Варлам Шаламов и Михаил Булгаков.

Новелите на Платонов се препознатливи по необичниот стил, гротескната атмосфера и револуционерниот наративен пристап, преку кои се отсликуваат историските и општествените превирања на времето во кое живеел авторот.

Неговото пишување во советскиот период често било подложно на строга цензура, поради што значителен дел од неговите дела биле објавени дури неколку децении по неговата смрт. Во поговорот на книгата, уредникот на изданието Ведран Диздаревиќ посочува дека станува збор за дело што претставува „реално размрдување на уредните ормани на повеќето познавачи на литературата на XX век“.

Андреј Платонович Платонов (1899–1951) е руски писател од советскиот период кој денес се смета за еден од претставниците на високиот модернизам, често споредуван со автори како Самуел Бекет и Франц Кафка.

На македонската публика веќе ѝ се познати преводите на неговите романи „Девствено море“ и „Откоп“. За време на владеењето на Јосиф Сталин, Платонов се соочувал со сериозни политички притисоци и цензура, а неговиот живот бил обележан и со лични трагедии. И покрај тоа, неговото дело постепено излегло од границите на Советскиот Сојуз, меѓу другото и благодарение на промотори како поетот Јосиф Бродски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни