Илјадници граѓани, меѓу кои деца, млади и возрасни, тргнаа од мостот „Киро Глигоров“ и маршираа до општинската зграда во Аеродром, барајќи конечно решение за долгогодишниот проблем.
Неформалната депонија, која не се користи веќе три децении, и понатаму е жариште на загадување. Жителите на Ново Лисиче и Аеродром велат дека веќе предолго живеат во смрдеа и чад од намерни палења на отпадот, а блокадите на крстосницата кај мостот станаа секојдневие. Денеска за првпат граѓаните ја блокираа и во утринскиот шпиц, предизвикувајќи метеж кој траеше со часови.
„Не чекаме избори, бараме решение веднаш!“ – порачуваа демонстрантите со транспаренти и свирчиња.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно изјави дека во Вардариште живеат повеќе од 200 луѓе, а дел од нив стојат зад намерните палења. „Страшно е од секој аспект. Решението е тие луѓе да се дислоцираат, депонијата да се исчисти, а отпадот да се пренесе на друга локација“, нагласи тој.
Но граѓаните остануваат скептични – велат дека сакаат дела, а не ветувања. Протестите продолжуваат додека институциите не преземат конкретни мерки.
Извор: Независен