Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, извршија обиколка на локалитетот Скопско Кале, најавувајќи дека просторот може да стане „жива културна сцена“ во рамки на визијата Скопје – Европска престолнина на културата.
Во објавата на Ѓорѓиевски на социјалните мрежи се зборува за отворање на Калето за културни и уметнички содржини, за внимателно и стручно приспособување и за почитување на историските слоеви. Сепак, од објавеното не произлегуваат конкретни информации за тоа што точно се планира.
Не е соопштено што е утврдено со обиколката на терен, ниту каква е реалната состојба на локалитетот од аспект на заштита, пристапност и капацитет. Истовремено, не се прецизирани кои содржини се планираат – дали станува збор за повремени културни настани, постојана сцена, изложбен простор или инфраструктурни интервенции.
Нема информации ниту дали се планира градба или поставување на нови структури, и доколку да – по кои конзерваторски и архитектонски стандарди. Не се споменуваат финансиски рамки, извори на средства, ниту рокови во кои евентуалните активности би се реализирале.
Иако се наведуваат примери од други земји каде историски објекти се интегрирани во современиот културен живот, во случајот на Скопското Кале останува нејасно дали станува збор за визија, почетна идеја или конкретен проект што ќе оди на јавна расправа и институционална процедура.
Засега, посетата на Калето завршува со фотографии и општи пораки за култура и наследство, но без суштинска информација за тоа што конкретно ќе преземат градските и државните институции.
