Скопскиот чинар, едно од трите најстари дрвја во југоисточна Европа

Најстарото дрво во Скопје е скопскиот чинар кој се наоѓа во Иса беговата џамија. Чинарот на крајот од минатиот месец наполни 548 години. Се смета дека ова дрво е засадено на денот кога е изградена и самата Иса Бегова џамија и тоа од рацете на самиот Иса бег. Заштитен како споменик на природата е од 1993 година.

Познат и по името Platanius Orientalis L, се наоѓа на листата на најстарите дрвја во Македонија и се смета за најстарото дрво во Скопје. По охридскиот чинар, за кој се смета дека е најстаро дрво во Македонија, скопскиот чинар е втор на листата со неговите близу 550 години, височина од 20 метри и обем од околу 7.3 метри.

Чинарот е засаден во дворот на познатата џамија „Иса-бег“, која е подигната во првата половина на 15 век. Џамијата е изградена посмртно по барање од самиот Иса-бег, како што стои во неговото сочувано вакафнаме, напишано неколку години порано (1469).

Иса-бег бил голем моќник на своето време, бил заповедник на Скопје, заштитен од двајца султани, султанот Мурат Втори и неговиот син, султанот Мехмед Втори Фатих. Тој е внук на освојувачот на Скопје Игит-паша, а син на Исхак-бег. Иса бег бил главен предводник во ширењето на Османлиското Царство кон север, ги основал градовите Сараево и Нови Пазар, учествувал во освојувањето на Цариград во рамките на румелиската војска, која ја предводел Караџа-паша. Бил голем донатор, изградил многу објекти во Скопје – џамии, амами, карван-сараи, библиотеки, медреси. Не се знае точно кога е роден, кога и каде починал и со сигурност не може да се утврди неговото почивалиште, освен преку некои преданија.

Кога велиме дека чинарот е природен, но истовремено и културен споменик, ја имаме предвид богатата приказна што тој може да ја раскаже за објектите од неговата непосредна околина, еднакво интересна и за жителите на Скопје и за странските туристи. Во непосредната близина на чинарот постоела една од најголемите исламски библиотеки на Балканот што ја основал Иса-бег. Кога денес ќе се прочита што сѐ таа содржела во себе, навистина се добива импресивен впечаток: книги од филозофијата и логиката, медицината, реториката, разни научни дисциплини, богат избор од книги со верска содржина. Тука се наоѓала и позната медреса со надалеку прочуени професори. Првпат била воведена и службата библиотекар со постојана плата. Во близината на чинарот се наоѓал уште еден пазар наречен Туз-пазар. Од Туз-пазар „патот водел до мостот“. Се смета дека со оваа реченица, која стои во вакафнамето, првпат се спомнува Камени мост во историјата на Скопје. Во околината имало анови, амами и големи карван-сараи, кои денес не постојат.

Во своите истражувања, чинарот го спомнува и Лидија Кумбараџи-Богоевиќ: „Во дворот на џамијата се наоѓа еден многу стар чинар со извонредна круна за кој се смета дека бил засаден уште во времето на изградбата на џамијата“.

Во Македонија соодносот меѓу листопадни и зимзелени дрвја е 3:1

Јаворите се едни од најпрепорачаните дрвја за садење во урбана средина затоа што ги намалуваат ефектите од климатските промени.

5 дрвја кои се препорачуваат да се садат во урбаните средини, поради нивната отпорност и еколошките карактеристики, се липа, јасен, платан, јавор и бор;

Оние пак кои во градски услови ги намалуваат ефектите на климатските промени, бидејќи врзуваат најмногу јаглерод во стеблото и го отстрануваат јаглеродниот диоксид од воздухот, се јасен, каталпа, јавор, гледич и багрем.

Максимална возраст на дрвјата во голема мерка се определува според нивниот вид, но и според условите во кои расте.

Вработените во Иса беговата џамија редовно го наводнуваат дрвото и му пружаат соодветна нега.

Име: Чинар

Заштитен од 1993 година

Височина:  20 метри

Обем на стебло: 7,30 метри

Локација: дворот на Гази Иса бегова џамија, зад поликлиниkа Битпазар

Градител: Се верува дека дрвото го засадил самиот Иса бег

Најстарото дрво во Македонија е охридскиот чинар, кој е стар повеќе од 11 века.

Во Скопје, се знае за уште еден чинар, кој бил исечен во 1928 година.

Чинарот под кој бил погубен легендарниот војвода Карпош – кралот од Куманово

Чинарот во Вардар е исечен во 1928 година, затоа што и пречел на српската управа. Го покривал новиот споменик под Камениот мост, од десната страна на реката Вардар.

На 31 октомври во 1689 година е заробен ајдутскиот војвода Карпош и набиен на кол под стариот чинар кај Камениот мост.

Заедно со охридскиот чинар и уште еден на Кипар се сметаат за три најстари дрвја во југоисточниот дел на Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни