Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар во Скопје и во „Буква“, со учество на безмалку стотина поети од Македонија и од странство. На фестивалот се најавени гости од Кина, Хрватска, Словенија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и Црна Гора.
Годинешното мото на фестивалот е „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ! (Поезија, политика, пропаганда…)“, со кое организаторите сакаат да ја одбележат 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и да укажат дека неговата поезија и денес останува отворена за нови толкувања во контекст на современите светски состојби. Автор на постерот е Андреј Павлов.
Фестивалот официјално ќе биде отворен на 7 мај во 20 часот во киното „Фросина“ во МКЦ, со интернационално поетско читање на кое ќе настапат деветмина поети и поетеси, меѓу кои и Деспина Сиљаноска, избрана за најдобра на „Отскочна даска #5“, преднастан наменет за млади поети. По отворањето ќе следува и поетско-музичкиот перформанс „Другиот (не) сум јас“ на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
Уште пред официјалниот почеток, истиот ден во 18 часот во киното „Фросина“ ќе се одржи и преднастан, промоција на поетската панорама „Пет години ‘Отскочна даска’“, што ја подготви „ПНВ Публикации“ по повод пет години од овој формат за млади автори. Во панорамата се вклучени песни од сите 66 досегашни учесници, а промоцијата ќе биде проследена со нивни поетски настапи.
На 8 мај програмата продолжува во МКЦ со „Поетот е присутен“, настан од затворен карактер за малубројна публика избрана по повик, потоа со „Диптих #6“, на кој ќе бидат претставени две изданија на „ПНВ Публикации“, избори од песни на Гонџа Озмен од Турција и Кристина Шпиранец од Хрватска. Вечерта ќе заврши со второ интернационално поетско читање со десетмина учесници.
Последниот фестивалски ден, 9 мај, настаните се селат во „Буква“, каде публиката ќе може да проследи две книжевни промоции, избор песни од Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ во издание на „Култура Бета“ и стихозбирката „Тускулум“ од словенечкиот поет Денис Шкофич, објавена од „ПНВ Публикации“. По нив ќе следува интернационалното читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY“, со настап на 15 поети и поетеси, а фестивалот ќе заврши со проштална забава.
Годинешното издание на Скопскиот поетски фестивал е поддржано од Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а како партнери и помагатели се вклучени МКЦ, „Буква“, „ПНВ Публикации“, „Култура Бета“ и хотел „Цара 1928“.