Скопје се буди, фестивалот „Хаус оф три“ – Синергија на музика, винил маркет и дизајн

На 22 октомври ќе се одржи дванаесетчасовен мултимедијален фестивал „Хаус оф Три“ (House of 3) на три сродни и препознатливи локации во центарот на Скопје — во „Три Кичен & Бар“, „Клуб 1212“ и „Станица 26“.

„Хаус оф Три“ е повеќе од фестивал — тоа е синергија што ги спојува луѓето.
„Идејата започна пред три години сосема спонтано, од желбата да направиме место каде што музиката, уметноста и локалните брендови ќе се сретнат на три поврзани и сродни локации,“ вели Еми Ермилова, креатор и организатор на фестивалот, кој се реализира во соработка со „Три Кичен & Бар“, „Клуб 1212“ и „Станица 26“.

„Оваа година имаме одлична програма со интернационални и локални диџеи, поп-ап шоп, винил маркет и фуд корт. Сакаме луѓето да се чувствуваат слободно и да уживаат, да разменуваат меѓусебни искуства и да ја понесат целата позитивна енергија со себе. Но, над сè, сакаме да го вратиме шармот на ноќниот живот на Скопје. Со секое ново издание, фестивалот програмски созрева, поттикнувајќи соработка, инспирација и љубов кон уметноста и позитивната енергија,“ додава Ермилова.

Почнувајќи во 18 часот, па сè до 6 часот наутро, ова трето издание на фестивалот нуди настапи на интернационални гости и локални диџеи, винил маркет, поп-ап шоп со локални брендови и вкусна храна.

Фестивалот започнува во „Три Кичен & Бар“, каде на винил маркетот ќе се претстават љубители и колекционери на грамофонски плочи, обединувајќи ги фановите и колекционерите на винил. На истата локација ќе биде поставен и поп-ап шоп со локални современи дизајнерски брендови:
„5 до 12“, „Кактус“, „Фабрика“, „Финкс арт“ и „Милч“.

Посетителите ќе можат да уживаат во винтиџ и модерна облека, аксесоари, шапки (bucket hats), постери, привезоци и други креативни изненадувања. Барот нуди и вкусна храна, збогатена со музичка програма на локалните диџејки Емили Нас и Ермилова, а подоцна, до 1 часот по полноќ, ќе настапат и Аните б2б Немакс, носејќи хипнотички грув и силна енергија.

Настаните во „Три Кичен & Бар“ ќе траат до 1 часот по полноќ, по што програмата продолжува во двата ноќни клуба — „Клуб 1212“ и „Станица 26“.

Од полноќ, во „Клуб 1212“ ќе настапи диџејката Џејн Рајз, со локална поддршка од диџејот Базел. Џејн Рајз е едно од највозбудливите нови имиња на електронската сцена; на само 28 години, веќе е позната како диџејка, пејачка и продуцент со препознатлив спој на афро и хаус музика. Потекнувајќи од музичко семејство, уште од најрана возраст таа е инспирирана од ритмови и мелодии кои силно ја обликуваат нејзината уметничка приказна.

Истовремено, фестивалската приказна ќе продолжи и во „Станица 26“, каде ќе настапи веќе добро познатиот диџеј Лехар, со локална поддршка од диџејот Веки.

Музиката на Лехар се препознава по интуиција и емоција – темели на неговиот креативен процес кој резултира со впечатливи музички импровизации. Неговото дебитантско ЕП „Саргас“, издадено на издавачката куќа „Конесер Рекордингс“ од Офенбах, го постави на мапата на современата електронска сцена, претставувајќи го неговиот уметнички манифест — мешавина од звуци со драматични ефекти, интимни бас линии и интригантни мелодии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни