„Скопје – Европска престолнина на културата“ – Љутков ветува транспарентност и отчетност

Дали конечно се „одблокира“ Европската престолнина на културата – или следуваат нови неизвесности?

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, денеска во Брисел остварија работна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф.

Главна тема била статусот на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, при што македонската делегација го информирала европскиот комесар за тековната состојба, застојот што се случи во изминатиот период и приоритетните чекори за негово унапредување.

Според Љутков, досегашното управување со проектот било „целосно блокирано“ и „надвор од законските процедури“, особено во делот на програмата содржана во апликациската книга (Bid Book). Министерот истакна дека недостигале консултации, институционална координација и усогласување со националните културни политики — што, како што посочи, ја нарушило кредибилноста на апликацијата.

По средбата, тој најави дека процесот е „целосно одблокиран“ и дека Владата и Град Скопје ќе обезбедат 40 милиони евра во следните четири години за реализација на програмата.
Но и покрај овие пораки, останува отворено прашањето дали новиот институционален механизам навистина ќе донесе транспарентност и отчетност, особено ако се има предвид дека токму недостатокот од јавно достапни информации беше една од главните критики во досегашната фаза.

Проектот се претставува како шанса за поширока културна трансформација на Скопје – од развој на инфраструктурата и поттикнување иновации, до европска соработка и вклучување на младите. Но за дел од културниот сектор, клучно останува прашањето дали најавените промени ќе бидат системски и видливи, и дали јавноста навистина ќе добие јасен увид во тоа како се трошат средствата и кој донесува програмски одлуки.

Љутков порачува дека процесот отсега ќе се води со „целосна транспарентност и отчетност“, додека секторот и јавноста внимателно ќе ги следат следните чекори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни