Последните 24 часа главниот град на Македонија е во врвот на загадени градови во светот, а во Европа е само зад Сараево.
Откако вчера беше во топ 5 најзагадени градови во светот, денес (17 декември) во 12.30 часот, според IqAir Скопје е на 15 место во светот, а во Европа позагаден град е само Сараево.
Индексот на квалитет на воздухот во Скопје достигна 158, што го сместува во категоријата „нездрав воздух“. Ова ниво на загадување претставува ризик за здравјето, особено за чувствителните групи, како децата, повозрасните лица и лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Инаку, денеска Министерството за животна средина објави нов портал каде може да се следи квалитетот на воздух во повеќе градови.
Од резултатите се гледа дека освен во Скопје, денеска воздухот е загаден и во Битола, Куманово, Охрид и Велес.
Загадувањето на воздухот во Скопје и Македонија се повторува секоја зима, а и покрај тврдењата на институциите дека се преземаат мерки, во реалноста ситуацијата е се полоша.
