Од 5-ти до 8-ми ноември, Академската сцена на Факултетот за драмски уметности (ФДУ), Драмскиот и Албанскиот театар во Скопје беа претворени во центар на креативноста и интернационалната студентска соработка. Годинешните студентски средби Скомрахи, под мотото „Друг свет“, ги обединуваат студентите од повеќе европски драмски академии, кои ќе ги презентираат своите театарски проекти, идеи и енергични експерименти.
На програмата беа претстави од Белгија, Словачка, Турција и Србија, кои се одвиваа заедно со изведбите на студентите на ФДУ. Публиката имаше единствена можност да се запознае со различни театарски пристапи и интерпретации, како и да се потопи во богатството на современите студентски сценски истражувања.
Годинешните Скомрахи, кои целосно се концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, ја истражуваа границата меѓу имагинарното и реалното, телесните и сценските можности, идентитетот и просторот. Под мотото „Друг свет“, фестивалот понуди алтернативни перспективи за уметноста и театарот, со акцент на колективното создавање и меѓународната соработка.
Во рамки на фестивалот се одржаа и две работилници: работилница водена од Катржина Јебава од Академијата за изведувачки уметности – Брно, Чешка и на Умит Ерлим од Одделот за сценско-изведувачки уметности на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот Малтепе – Истанбул. Двете работилници беа отворени за сите заинтересирани и понудија практични искуства и методологии за современ театарски израз.

За значењето на годинашната тема „Друг свет“, Ангела Цветковска од ФДУ вели:
„Скомрахи е решението кое го бараме во ваков одвратен свет. Утопијата која што сакаме сите да ја доживееме барем еднаш во животот. Да бежиш. Овогодишните меѓународни студентски средби ги одржуваме токму поради тоа – сите да ја направиме заедно таа утопија која што ни фали на сите. Овде, на нашата сцена, во нашите простории, со нашата публика, во нашиот друг свет. Нема никаква културна, етничка, никаква разлика меѓу нас и тоа треба сите да го сфатат. Уметноста и културата ќе не обедини и сите ќе го правиме тоа заедно.“
Фестивалот започна на 5-ти ноември со изведбата на „Луѓе, места и нешта” на Данкан Мекмилан од студентите на ФДУ во Драмскиот театар – Скопје.
Скомрахи 2025 се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура и туризам на РСМ, во соработка со Драмски театар Скопје, Албански театар Скопје и Кафе бар Че.
Овој фестивал повторно ја потврдува важноста на студентските иницијативи, креативната слобода и меѓународната културна размена како неопходни за современата уметност.
фото: @a.rafajlov @simon_gegaj