„Симболика без резултати не спасува животи“ – младите од ХЕРА го разобличуваат формалистичкиот пристап кон родовата еднаквост

Во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените“, младите волонтерки и волонтери од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување – на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ја презентираа својата нова иницијатива под наслов „Феминизам кој потфрла / Failed Feminism“.
Фото: Хера

Кампањата, поставена како критика на деценискиот институционален формализам, предупредува дека декларативната поддршка за родова еднаквост не е доволна, а недостигот од реална акција има опасни последици. Младите активистки истакнаа дека повеќе случаи на фемицид што го потресоа општеството се случиле иако насилството било претходно пријавено, што ги разоткрива длабоките системски пропусти во заштитата.

Кога реформите се сведуваат на симболика – жените го плаќаат цената

Преку видеа, подкасти, герила-акции и лични сведоштва, кампањата ја отвора суштинската дилема:
Што точно славиме кога се прогласуваме за „родово еднакво општество“ ако институциите не успеваат да ги заштитат најранливите?

Во соопштението на ХЕРА се истакнува дека статистиките често не ја одразуваат реалноста од терен, каде:

  • образовните институции и медиумите продолжуваат да ги репродуцираат старите родови стереотипи;
  • во формалниот образовен систем недостигаат програми за превенција, препознавање и пријавување на насилството;
  • сервисите за поддршка се недостапни, недоволни или нефункционални, особено за девојките и жените од маргинализираните заедници;
  • економската и социјалната нееднаквост директно го определуваат пристапот до здравје, безбедност и можности.

„Ни требаат 365 дена одговорност, а не 16 дена симболика“

Активистките порачаа дека системското игнорирање, политичката неамбициозност и нормализираното занемарување на женските искуства отвораат сериозен јаз меѓу она што институциите го ветуваат и она што реално го испорачуваат.

Родовото насилство опстојува затоа што останува невидливо, неказниво и банализирано во општеството“, предупредуваат младите од ХЕРА, повикувајќи на конкретни реформи, построга институционална одговорност и примена на законите без компромиси.

Нивното клучно барање е јасно: не уште една симболична кампања, туку вистинска, секојдневна, 365-дневна посветеност на заштитата на девојките и жените од насилство.

Извор: Мета.мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни