Поради зголемените безбедносни ризици, швајцарската армија размислува како да обнови и модернизира околу 8.000 бункери расфрлани низ целата земја, од кои некои датираат од 1886 година. Многумина останале неискористени од деведесеттите години.
Бункерите првично биле изградени за заштита на стратешки точки како што се железницата Готхард и алпските превои, а целиот систем бил клучен дел од таканареченото Швајцарско национално упориште, мрежа од утврдувања чија цел била да ги одврати инвазиите за време на Втората светска војна и Студената војна.
Откако беа опремени со најсовремена технологија за заштита од советски ракетни закани, овие објекти станаа неупотребливи по Студената војна. Поради намалување на буџетот и променети приоритети, многу бункери се продадени на цивили и им се дадени нови намени, од магацини за сирење и галерии, до центри за податоци, хотели, па дури и трезори за криптовалути, како што е „швајцарскиот Форт Нокс“ во кантонот Берн.
Сепак, во 2023 година, војската ги суспендираше сите продажби на овие засолништа и објави дека ќе ја разгледа нивната идна употреба.
„Мораме да го користиме она што веќе го имаме“, изјави за локалните медиуми началникот на швајцарската армија, Томас Зисли.
„Природата на воените закани се промени. Бункерите се лошо позиционирани, а оружјето во нив има рок на траење од уште десет до дваесет години“, додаде тој.
Целта на војската е да ги претвори бункерите во „одбранбени јазли што тешко се напаѓаат“, користејќи напредна технологија, со минимални трошоци и што е можно помалку персонал.
Освен потребите на војската, во некои кантони цивилните засолништа веќе се користат како привремено сместување за бегалци.
Швајцарското друштво за технологија и вооружени сили планира да организира „ден на иновации“ во септември, каде што ќе бидат презентирани деталите за иницијативата, а учесниците ќе можат да ги презентираат своите идеи.
„Бараме решенија од сите сектори, не само од областа на одбраната“, нагласија организаторите.