Шуица: ЕУ собра 88 милиони евра за палестинските власти

Земјите-членки на Европската унија обезбедија вкупно 88 милиони евра помош за палестинските власти, изјави еврокомесарката за Медитеранот Дубравка Шуица.

Во четвртокот Шуица, заедно со палестинскиот премиер Мохамед Мустафа, копретседаваше со првиот состанок на донаторската група за Палестина. На состанокот учествуваа министри и високи претставници од околу 60 земји – членки на ЕУ, арапски држави, потенцијални донатори за мировниот план за Газа, како и претставници на меѓународни и регионални организации и финансиски институции.

На маргините од состанокот, Германија, Луксембург, Словенија и Шпанија потпишаа повеќе од 82 милиони евра помош за палестинската самоуправа. Претходно, Финска, Ирска, Италија и Шпанија ветија вкупно 6 милиони евра, што ја носи вкупната сума на нешто над 88 милиони евра.

Шуица истакна дека поддршката од ЕУ е значајна, но дека „е потребна дополнителна меѓународна помош за стабилизирање на фискалната состојба на палестинските власти“.

Очекување е и Израел да ги исплати даночните приходи што ги собира во име на палестинската администрација. Таа нагласи дека ЕУ вложува значителни дипломатски напори за Израел да ги ослободи тие средства.

„Станува збор за три до четири милијарди евра – многу важни средства потребни за стабилно функционирање на палестинската управа,“ изјави Шуица.

Спроведување на реформскиот план

Главна тема на првиот состанок на донаторската група беше спроведувањето на реформскиот план на кој се обврза палестинската самоуправа во замена за финансиската поддршка од ЕУ.

Шуица изјави дека е забележан напредок во клучните реформи, но дека е неопходно понатамошно работење во областите на економската и фискалната политика, управувањето, социјалната заштита и образованието.

Таа подвлече дека овие реформи претставуваат предуслов за одржливо решение засновано на две држави.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни