Кога ќе го слушнете името Massive Attack, веднаш помислувате на звук што не минува без трага. Бендот кој од Бристол ја започна револуцијата на трип-хопот, го претвори секој тон во порака, секој концерт во емоционално доживување. Ова лето, по цели 15 години, се враќаат во Скопје – град што знае да ги препознае, да ги разбере и да ги почувствува.
На 28 јуни 2025, Стадионот на АРМ ќе биде сцена на музичка магија која ги обединува генерациите – и оние што беа таму првиот пат, и оние што дури сега ја откриваат моќта на Massive Attack.
За нивниот симболичен и звучен повраток, за магијата на спотовите, за моќниот визуелен јазик и за она што не очекува – разговаравме со INDOG, еден од најголемите нивни обожаватели и сведок на концертот од пред 15 години.
ТРН.мк: По 15 години Massive Attack повторно доаѓаат во Скопје. Што значи тоа за тебе лично?
INDOG: За мене тоа е враќање на еден звук што никогаш не стивна. Тоа не е само концерт, тоа е спомен, чувство, цела естетика. Ги слушав пред 15 години, ќе ги слушам и сега – и секој пат е исто силно.
ТРН.мк: Се сеќаваш ли на твојот прв контакт со нивната музика?
INDOG: Апсолутно. Првпат кога го видов спотот за „Teardrop“, бев фасциниран. За некои можеби чудно, но за мене тоа беше револуција – и визуелно, и музички. Не сум бил ист по тој момент.

ТРН.мк: Имаш и омилена песна?
INDOG: Да, „Unfinished Sympathy“ – и по звук, и по значење, и по тоа колку е врежана во мене. Дел од мојот живот, дел од некои недовршени емоции што таа музика ги допира.
ТРН.мк: Какво беше искуството во бекстејџ пред 15 години?
INDOG: Магично. Да ги сретнеш луѓето што си ги слушал од дете, што биле дел од твојот раст – и да ги видиш пред себе, толку човечки, а толку силни во својот израз. Massive Attack се артисти со визуелен јазик што продира.
ТРН.мк: Каква публика очекуваш сега?
INDOG: Мислам дека ќе има нова, млада публика што допрва ги открива, но и многу од „старите“ лица од порано. Massive Attack не се бенд што се среќава секој ден. Тие патуваат само кога имаат што да кажат – и сега очигледно имаат.
ТРН.мк: Не можеме да не те прашаме – има ли вистина во теориите за врската меѓу Massive Attack и Banksy?
INDOG: Ја следам уметноста на Banksy со години и сум имал среќа да видам негови оригинални дела. Поврзаноста со Massive Attack е тука – каде што се тие, таму често се појавува и негово дело. Има многу шпекулации, некои велат дека тој не е еден човек, други велат дека е директно поврзан со бендот. Јас лично мислам дека постои некаква врска – но магијата е токму во тоа што не знаеме сè.
ТРН.мк: Што би им порачал на оние што размислуваат дали да дојдат на 28 јуни?
INDOG: Немојте да размислувате. Massive Attack е искуство што се доживува. Ова не е само концерт – ова е момент што останува. Скопје ќе гори!