Што точно изгласа Советот за Усје? Речиси ништо

Заклучоци без обврзувачка сила и одлуки што не ја допираат суштината на проблемот

По седницата на Советот на Град Скопје посветена на цементарницата Усје, јавноста остана со впечаток дека е направен значаен чекор. Се зборуваше за загадување, здравје и иднина на градот, а заклучоците беа претставени како силна порака. Но зад таа формална согласност не стои ниту една одлука што реално менува нешто на терен.

Во Советот на Град Скопје одамна се развива еден тивок, но упорен феномен: популизмот на малите советнички групи. Не популизам во класична, груба форма, туку популизам на симболични победи – одлуки што звучат силно, изгледаат храбро и добро се продаваат во јавноста, но имаат минимално или никакво реално дејство.

Механизмот е едноставен. Кога некоја тема е чувствителна, емотивна и долго присутна во јавноста – загадување, фабрики во град, урбан хаос – се оди со заклучок, декларација или „историска одлука“. Советот гласа, медиумите пренесуваат, социјалните мрежи зовриваат. Се создава впечаток дека нешто суштинско се случило.

Во реалноста, ништо не се помрднало.

Проблемот не е во тоа што малите групи покренуваат теми. Напротив – тоа е нивна легитимна и потребна улога. Проблемот почнува кога симболичката акција станува замена за политика, а гласниот гест ја заменува тешката работа.

Советот на Скопје нема извршна власт. Тој не носи дозволи, не менува закони и не може сам да дислоцира фабрика, да затвори капацитет или да смени индустриска реалност. Единственото место каде што навистина може да влијае е планската политика – ГУП, метрички вредности на градски четврти – ДУП, намена на површини. А токму таму, најчесто, не се оди.

Овој контекст дополнително се комплицира од фактот што цементарницата Усје не е производ на современ урбанистички избор, туку индустриски капацитет наследен од поинаква епоха, кога градот бил значително помал, а околното подрачје не било густо населено. Во таа смисла, проблемот не е само во работењето на фабриката денес, туку во судирот меѓу историски наследена индустриска логика и актуелната урбана реалност на Скопје – повторно состојба која бара донесување на нов, современ ГУП – нешто што никој повеќе не го спомнува.

Зошто? Затоа што промената на план е бавна, конфликтна и политички ризична. Таму нема брзи аплаузи. Таму има јавни расправи, судири со интереси, судски постапки и години чекање. Популизмот, пак, нуди нешто многу попривлечно: моментална морална победа.

Најопасниот ефект од ова е создавањето лажно чувство на завршена работа. Граѓаните слушаат дека Советот „одлучил“, дека „сите се согласни“, дека „се направил историски чекор“. И логично прашуваат – зошто тогаш ништо не се менува? Одговорот е непријатен: затоа што одлуката била политички гест, не инструмент за промена.

Со ваков пристап, малите групи си градат политички профил без да преземат одговорност за резултат. Кога ништо нема да се случи, вината секогаш е кај „државата“, „институциите“, „системот“. А тие, формално, си го направиле своето – гласале.

Но градовите не се водат со гласови на хартија, туку со планови, процедури и долгорочни политики. И додека Советот произведува симболични победи, реалноста си продолжува по старо: фабриките работат, воздухот е ист, а плановите не се допрени.

На крајот, популизмот не ја изневерува само политиката, туку и граѓаните. Затоа што секоја следна иницијатива доаѓа во атмосфера на замор и скепса. „Па нели веќе изгласавме?“ – да, ама изгласавме порака, не решение.

А град што се води со пораки, а не со планови, останува заглавен – гласен во реториката, празен во резултатите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни