Што се случува со изборите во Венецуела и како е замешана Македонија?

Фото: Jeso Carneiro/Flickr

Во неделата се одржуваа претседателските избори во Венецуела, каде што државната изборна комисија го прогласи актуелниот претседател Николас Мадуро за победник и давајќи му трет мандат продолжувајќи ги 25те години власт на социјалистичката партија во земјата.

Сепак, овие резултати се оспорени од опозициската лидерка Мариа Корина Макадо која рече дека опозицијата има докази оти освоила 73,2 отсто од гласовите. Независните и странските набљудувачи на изборите исто така ги оспоруваат официјалните резултати, барајќи од властите да ги објават конечните бројки, пренесува Ројтерс.

Официјалните бројки спротивни од доказите на опозицијата и анкетите

Според опозицијата, Мадуро освоил 2,75 милиони гласови, наспроти неговиот ривал, поранешниот дипломат Едмундо Гонзалез, кој имал 6,27 милиони, додека според официјалните бројки 5,15 милиони гласови отишле кај Мадуро, а 4,45 милиони кај Гонзалез.

Набљудувачите, согласно законот во Венецуела, имаат право да задржат копија од броењето на резултатите од секоја машина, но од опозицијата велат дека преку ноќ на некои набљудувачи им бил блокиран пристапот до броењето и дека резултатите не биле печатени.

Независните излезни анкети покажуваа 65 отсто поддршка за Гонзалез и помеѓу 14 и 31 отсто поддршка за Мадуро, а владите на САД и останатите земји изразија сомнеж за официјалните резултати и повикаа на повторно пребројување на гласовите, пренесе Ројтерс.

Државниот обивнител обвини дека системот е хакнат од Македонија

Венецуелските власти ја обвинија опозициската лидерка Корина Макадо како главен виновик за изборна саботажа и дека имала намера да ги менува резултатите. Државниот обвинител Тарек Вилијам Саб соопшти дека наводниот напад на избирачките системи во Венецуела дошол од Северна Македонија и дека бил испланиран од Макадо со останатите лидери од опозицијата.

Сепак, ниту обвинителот, ниту било која друга институција од Венецуела не понуди докази дека постоел хакерски напад на избирачкиот систем, а уште помалку дека тоа доаѓало од Македонија. Исто така, Саб не најави ни дали ќе се формира случај и ќе се бара апсење на лидерката на опозицијата.

Фото: World Economic Forum/(Photo by Bel Pedrosa), CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

На лидерката на опозицијата, Макадо, ѝ беше забрането да учествува на претседателските избори, поради што опозицијата го кандидираше Едмундо Гонзалез. Сепак, иако таа не беше директен учесник на изборите, учествуваше во кампањата покрај Гонзалез користејќи ја нејзината поддршка помеѓу народот и имиџот на инспиративна личност.

Протести низ целата земја

По соопштувањето на тн. официјални резултати низ земјата започнаа големи анти-владини протести и судири со полицијата. Демонстрантите протестираат со тавички и тенџериња на кои тропаат.

Многу од демонстрантите излегуваат и со своите мотори и покриени фаци на протестите, обидувајќи се да се заштитат од полицијата која ги прска со гас и вода.

Тие велат дека се борат за демократијата на земјата по украдените избори и дека не сакаат никакви програми кои Мадуро ветува, туку сакаат само тој да замине, пренесува Ројтерс.

Мадуро во телевизиско обраќање од претседателската палата вели дека неговите сили се борат против насилните протести. Тој се уште ужива поддршка од воените сили и засега не се забележуваат одредени лидери кои му откажуваат послушност.

Соседните земји не ја признаваат победата на Мадуро

Соседните земји на Венецуела исто така реагираат на изборните резултати. Министерот за надворешни работи на Уругвај, Омар Паганини изјави дека неговата влада никогаш нема да го признае Мадуро како победник, кажувајќи дека опозицијата јасно победила. Владата на Перу им нареди на дипломатите од Венецуела да ја напуштат земјата во рок од 72 часа, истакнувајќи сериозни и арбитрарни одлуки донесени од режимот во Венцуела. Перу е дом на најголемата дијаспора од Венецуела, од кои повеќето избегале изминатите години од власта на Мадуро.

Најново

Последни колумни