Нагло кочење може да ги оштети сопирачките, еве што не треба да правите

Наглото кочење не завршува со запирањето на возилото, затоа што токму потоа многу возачи ја прават грешката што може да ги оштети дисковите.

Кога возачот е принуден нагло да кочи, товарот не паѓа само врз гумите и суспензијата, туку и директно врз сопирачките дискови и плочките. Според советите пренесени од технички експерти, токму во такви ситуации може да се покажат слабостите кај делови со понизок квалитет, особено ако станува збор за заменски компоненти што се доволни за градско возење, но не и за поголеми оптоварувања како на автопат.

Една од грешките што може да создаде проблем е по силно кочење возилото да застане, а возачот да продолжи да ја држи педалата на сопирачката притисната. Ако дисковите се веќе загреани, тоа може да придонесе за нивна деформација, бидејќи контактот со плочките останува на истото место додека металот е под силен термички стрес. На рамна подлога, препораката е педалата да се отпушти штом возилото е безбедно запрено.

Проблем може да настане и ако силно загреани сопирачки одеднаш дојдат во контакт со вода. Влегување во подлабока бара, но и миење на автомобилот веднаш по интензивно кочење, може да предизвика нагло ладење на дисковите и нивно искривување. Токму затоа, наглите температурни промени се сметаат за еден од ризиците по вакви ситуации.

Се посочуваат и неколку типични примери на лошо одржување што дополнително го зголемуваат ризикот. Меѓу нив се користење истрошени дискови над дозволената граница, комбинирање нови плочки со стари дискови, лошо чистење на површината при монтажа, како и пуштање во работа на кочна клешта што всушност требало да се сервисира или замени.

Дополнителен проблем е и изборот на најевтини делови без стручна препорака. Според советите на експертите, сопирачки од пониска класа најчесто се наменети за помали оптоварувања и пократки релации, па не секогаш се соодветни за возачи што често патуваат на долги дистанци или возат со поголеми брзини. Затоа препораката е да се користат делови со соодветна хомологација, оригиналност и OEM-квалитет, а при купување задолжително да се побара совет од сервис или продавач.

Пораката е едноставна – наглото кочење понекогаш е неизбежно, но состојбата на сопирачките и начинот на кој возачот реагира веднаш потоа можат да направат голема разлика и за безбедноста и за трошоците за поправка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни