Според The Guardian, тие имаат свои проверени рецепти и домашни трикови за побрзо закрепнување.
Кога имате сува кашлица
Д-р Рикардо Хозе, специјалист по респираторна медицина, советува: „Најважна е хидратацијата – пијте често по неколку голтки за слузниците да останат влажни.“
Имунологот д-р Џена Макиочи додава дека во чај од мајчина душица меша лажица суров мед, кој делува смирувачки и антимикробно. Таа препорачува и чај од корен од бел слез, идеален за иритирани дишни патишта.
Интересен совет има и д-р Хозе: изрендајте морков, посипете го со шеќер и оставете преку ноќ во фрижидер – наутро ќе добиете природен сируп што го обложува грлото и го ублажува кашлањето.
Професорот Рон Еклс, поранешен директор на Центарот за настинка, вели дека топлата, вкусна храна е најдобар лек: супа од домати, пилешка супа или пилешки кари – сите помагаат во смирување на кашлицата.
Кога ве мачи настинка
Шефицата Асма Кан се колне во стар индиски рецепт – „haldi doodh“, односно млеко со куркума: „Куркуминот е моќен природен антиинфламаторен агенс. Овој пијалак го користиме со генерации,“ вели таа.
Специјалистката за исхрана Софи Медлин препорачува зеленчукови супи со пилешко или тофу, додека д-р Хозе преферира канја, традиционална португалска супа со ориз и пилешко.
Кога ве боли грло
Храната може да биде и ладна и топла. Медлин предлага смуди од замрзнато шумско овошје и кефир, а професорот Еклс препорачува сладолед – класичен, но ефикасен лек против болка. Топол чај со мед и лимон или „hot toddy“ со виски, пак, е омилен избор на готвачката Томасина Мајерс.
Кога имате грип
Апетитот е слаб, па најважно е внесувањето течности. Професорот Еклс пие енергетски пијалаци, кафе и чај, а д-р Макиочи се потпира на кокосова вода и билни чаеви со електролити.
Кога апетитот се враќа, Асма Кан препорачува „khichdi“, нежно индиско јадење од ориз и леќа.
Кога имате стомачен вирус
Диететичарката Прие Теу советува прво да се одмори желудникот, а потоа постепено да се внесуваат сува и лесна храна – крекери, тост, варен ориз. Д-р Емили Лиминг препорачува чај од ѓумбир против мачнина, а по закрепнувањето – јогурт, кефир и овесна каша за обновување на микробиомот.
Кога сте мамурни
Ако симптомите се последица на ноќна забава, шефицата Томасина Мајерс советува: започнете со зелен сок од целер, магдонос и јаболко со ѓумбир, потоа многу вода, силно кафе и на крај – тост со пржено јајце, крцкав наут, сирење и чили масло.
Болест или мамурлак – сите овие совети имаат заеднички именител: внимателно избрана, природна и хранлива храна што го поддржува телото да заздрави на свој начин.