Што јадат астронаутите од мисијата „Artemis II“ на патот околу Месечината?

Мисијата „Artemis II“ ја носи првата екипа што патува околу Месечината по децении. Откријте што јадат астронаутите во вселената, како се подготвува храната во бестежинска состојба и кои лични предмети ги носат со себе на ова историско патување.

Екипажот на мисијата „Artemis II“, кој го сочинуваат Реид Вајзмен, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен, беше лансиран во среда, 1 април, на десетдневно патување околу Месечината. Станува збор за најоддалеченото патување во вселената на кое се упатиле луѓе, а една од целите е да се сними досега најдобриот поглед на темната страна на Месечината.

Бидејќи екипажот ќе помине повеќе од една недела во вселената, голем интерес постои околу тоа што ќе јадат астронаутите и како се подготвува храната во услови на бестежинска состојба.

Мени за пат околу Месечината

Храната во вселената се чува во специјализирана амбалажа која обезбедува долготрајност, како херметички затворени вреќички и конзерви, со цел да се спречи расипување. За подготовка се користат микробранови и специјализирани печки. Кралските музеи во Гринич објаснуваат дека за рехидратација на дехидрирани оброци најчесто се користи уред сличен на воден пиштол, додека астронаутите го скенираат секое пакување за да водат евиденција за исхраната.

Додека порано вселенската храна била ограничена на пасти и дехидрирани оброци, денес технолошкиот напредок овозможува многу поширок избор, вклучително и свежи намирници.

Храната се дели во неколку групи: свежи намирници како овошје и зеленчук имаат рок на траење од околу два дена, се чуваат во фрижидер и се консумираат брзо, најчесто за подигнување на моралот на екипажот.

Месото и млечните производи минуваат низ процес на јонизирачко зрачење пред пакување, што го продолжува рокот на траење и го намалува ризикот од микробиолошка контаминација. Постои и храна со средна влажност, како солени и сушени производи, која има доволно малку вода за да го спречи развојот на микроорганизми.

За мисијата се спакувани и јаткасти плодови, колачи и чоколадо, како и оброци што можат да се рехидрираат. Готовите јадења се термички обработени за да се уништат бактериите и да се обезбеди безбедност на екипажот.

Д-р Соња Брунгс, инженерка за поддршка на екипажот во Европската вселенска агенција (ESA), за BBC објаснува:

„Термостабилизираната храна се загрева во грејач, се отвора пакувањето и е веднаш спремна за јадење. Лиофилизираната храна бара додавање топла вода и чекање неколку минути. Се јаде директно од кесичката, исто како супите. Супата се пие со сламка, бидејќи во микрогравитација е тешко да се пие на вообичаен начин.“

Што има на менито?

Меѓу најчестите намирници и пијалаци се: тортиљи, пченичен леб, гранола со боровинки, киш со зеленчук, колбаси за појадок, кускус со јаткасти плодови, салата од манго, говедски ребра на скара, макарони со сирење, карфиол со тиква бутернут, тропска овошна салата, колачи и чоколадо.

Од пијалаци: зелен чај, кафе, лимонада, јаболков пијалак и смути од манго и праска.

Лични предмети на екипажот од „Artemis II“

Реид Вајзмен, тест-пилот на американската морнарица, е самохран татко кој ги одгледува своите две ќерки тинејџерки по смртта на сопругата од рак во 2020 година. Тој со децата разговарал за ризиците од мисијата, велејќи:
„Ова е тестаментот, овие се документите за старателство, и ако ми се случи нешто, ова е што ќе се случи со вас… Тоа е дел од овој живот.“

Вајзмен понел мал нотес за да ги запишува своите размислувања за време на летот.

Кристина Кох, специјалистка на мисијата, инженерка и физичарка, го држи рекордот за најдолг непрекинат престој на жена во вселената, 328 дена на Меѓународната вселенска станица во 2019 година. Таа била и дел од првата целосно женска вселенска прошетка, а сега е првата жена која патува кон Месечината. Со себе носи рачно напишани пораки од блиски луѓе, кои ги опишува како „опиплива врска“ со Земјата.

Џереми Хансен, специјалист на мисијата и поранешен борбен пилот од Кралското канадско воено воздухопловство, ова му е прв лет во вселената и станува првиот Канаѓанец што патува во длабоката вселена.

Тој за сопругата и децата носи четири привезоци во форма на Месечина со гравирана фраза „До Месечината и назад“, украсени со нивните родени камења. Во канадски стил, понел и јаворов сируп и колачиња од јавор.

Пилотот Виктор Ј. Гловер, поранешен борбен пилот на американската морнарица, станува првата црна личност што патува кон Месечината. Тој е оженет и татко на четири деца, а веќе учествувал како пилот во мисијата SpaceX Crew-1 и поминал речиси шест месеци на Меѓународната вселенска станица.

Познат како најхаризматичен и „најдобро облечен“ член на екипажот, Гловер изјавил дека со себе носи Библија, венчален прстен и семејни спомени, како и збирка инспиративни цитати од астронаутот на „Apollo 9“, Расти Швајкарт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни