Што досега знаеме за протестите во Иран: Хронологија на настаните

Протестите во Иран започнаа по економскиот колапс и падот на риалот, а брзо ескалираа во десетици градови а реакциите од САД дополнително ја вжештија ситуацијата

Демонстрациите во Иран избувнаа на 28 декември по драматичниот пад на домашната валута – иранскиот риал – и порастот на цените на основните прехранбени производи. Протестите брзо се проширија во десетици градови, доведоа до смена на гувернерот на Централната банка и резултираа со бројни жртви и апсења.

Протестите започнаа на 28 декември на две големи пазари во центарот на Техеран, откако риалот падна на 1,42 милиони за еден американски долар – нов историски минимум. Слабеењето на валутата дополнително ги засили инфлаторните притисоци и доведе до раст на цените на храната и секојдневните потреби. Владата уште на почетокот на декември ги зголеми цените на субвенционираниот бензин, што дополнително го продлабочи незадоволството кај населението, пишува Klix.

Веќе на 29 декември, гувернерот на Централната банка, Мохамад Реза Фарзин, поднесе оставка, а протестите од Техеран почнаа да се шират и во други градови. Полицијата во главниот град употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.

На 30 декември протестите се проширија во уште повеќе градови и на неколку универзитетски кампуси. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан се сретна со група бизнис-лидери за да ги сослуша нивните барања и вети дека неговата администрација ќе вложи максимални напори за решавање на економските проблеми.

На 31 декември Иран го именува Абдолнасер Хемати за нов гувернер на Централната банка. Властите од југот на земјата известија дека протестите во градот Фаса станале насилни, откако демонстрантите упаднале во зградата на гувернерот и повредиле полициски службеници.

Првите официјални жртви од протестите беа пријавени на 1 јануари, кога властите соопштија дека најмалку седум лица биле убиени. Најинтензивното насилство е забележано во градот Азна, во провинцијата Лорестан, каде видеа објавени на интернет наводно прикажуваат запалени предмети на улиците и истрели, додека се слушаат извици „Без срам! Без срам!“. Полуофицијалната агенција Фарс извести за тројца убиени, додека други смртни случаи се регистрирани во провинциите Бахтијари и Исфахан. Во Лорестан беше убиен и 21-годишен доброволец од паравоената формација Басиж, дел од Револуционерната гарда.

На 2 јануари, американскиот претседател Доналд Трамп на својата платформа Truth Social порача дека, доколку Иран „насилно убива мирни демонстранти“, Соединетите Американски Држави „ќе им дојдат на помош“.

Во пораката, објавена неколку месеци по американските напади врз иранските нуклеарни постројки, се наведува и дека САД се „подготвени за акција“. Во исто време, според податоците на организацијата Human Rights Activists News Agency (HRANA) со седиште во САД, протестите се прошириле на повеќе од 100 локации во 22 од вкупно 31 иранска провинција.

Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, на 3 јануари изјави дека „бунтовниците треба да се доведат во ред“, што беше протолкувано како сигнал до безбедносните сили за поагресивно задушување на демонстрациите. Според HRANA, протестите тогаш се прошириле на повеќе од 170 локации во 25 провинции, при што најмалку 15 лица биле убиени, а 580 уапсени.

На 6 јануари, демонстрантите организираа седечки протест во Големиот базар во Техеран, кој безбедносните сили го растурија со употреба на солзавец. HRANA извести дека бројот на загинати пораснал на 36, вклучувајќи и двајца припадници на иранските безбедносни сили, додека протести биле регистрирани на повеќе од 280 локации во 27 од 31 провинција.

По повикот на синот на соборениот ирански шах, Реза Пахлави, кој живее во САД, на 8 јануари голем број луѓе излегоа на улиците и извикуваа од прозорците за време на ноќните протести. Властите одговорија со блокада на интернетот и меѓународните телефонски повици, со цел, како што наведоа, да се прекине надворешното влијание врз земјата со 85 милиони жители.

Веќе на 9 јануари, Иран сигнализираше дека ќе следи уште поодлучна пресметка со демонстрациите, но протестите продолжија. HRANA наведува дека најмалку 65 лица биле убиени во насилствата поврзани со протестите, додека повеќе од 2.300 лица биле приведени.

На 10 јануари протестите влегоа во втората недела, а според HRANA бројот на загинати достигна најмалку 116. Иранскиот државен обвинител Мохамад Мовахеди Азад предупреди дека секој што учествува во протестите ќе биде третиран како „непријател на Бога“, обвинение за кое е предвидена смртна казна.

На 11 јануари, Доналд Трамп изјави дека Иран предложил преговори по неговите закани со напад врз Исламската Република поради крвавото задушување на демонстрациите. Активистите во исто време тврдат дека вкупниот број загинати пораснал на најмалку 544 лица, иако оваа бројка сè уште не е официјално потврдена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни