Сценарија и можни последици доколку САД го нападне Иран

Од ограничени удари до регионален хаос – анализите предупредуваат дека евентуален американски напад врз Иран носи сериозни и тешко предвидливи последици

Сè погласни се проценките дека Соединети Американски Држави би можеле во наредните денови да изведат воен напад врз Иран, доколку во последен момент не се постигне договор околу нуклеарната програма на Техеран. Иако потенцијалните цели на нападот се релативно јасни, последиците би можеле да се движат од ограничена ескалација до длабока регионална нестабилност, предупредуваат безбедносни аналитичари.

Според анализата на Би-би-си, постојат седум можни сценарија, од кои едно се смета за најреалистично.

Ограничени удари и надеж за демократска транзиција

Во најоптимистичкото сценарио, американските воздушни и поморски сили би извеле прецизни удари врз бази на Иранска револуционерна гарда, паравоените единици Басиж и клучни елементи од нуклеарната и ракетната инфраструктура. Ослабениот режим би паднал, а Иран би започнал процес на демократска транзиција. Историјата, сепак, покажува дека ваквите интервенции ретко водат до стабилна демократија, како што беше случајот со Ирак и Либија.

Опстанок на режимот со промена на политиките

Овој модел, споредбен со Венецуела, подразбира брза американска акција која го остава режимот на власт, но го принудува на отстапки: намалување на поддршката за регионални паравоени групи, ограничување на нуклеарната програма и ублажување на репресијата. Аналитичарите го сметаат ова за малку веројатно, со оглед на долгогодишниот отпор на иранското раководство кон промени.

Пад на режимот и воспоставување воена власт – најверојатното сценарио

Ова сценарио се смета за најреално. Иако режимот е непопуларен, силната безбедносна структура и лојалноста на дел од елитите би можеле да резултираат со преземање на власта од страна на воена хунта, доминирана од Револуционерната гарда. Таков исход би значел крај на цивилната власт, но не и суштинска демократизација.

Ирански противудар врз американски и регионални цели

Иран веќе предупреди дека ќе одговори на секој напад. Иако не може директно да се мери со американската воена моќ, Техеран располага со значителен арсенал балистички ракети и дронови. Американските бази во Заливот, како и инфраструктурата на сојузничките земји, би можеле да станат цели, што би ја проширило кризата на цел регион.

Блокада на Ормутскиот теснец

Една од најсериозните закани е минирање или блокирање на Ормутски теснец, преку кој минува околу една петтина од светската трговија со нафта и течен природен гас. Таков потег би имал директно влијание врз глобалната економија и цените на енергенсите.

Потонување на американски воен брод

Иако помалку веројатно, Иран би можел да се обиде со таканаречен „рој напад“ – масовно користење дронови и брзи чамци за да ја пробие одбраната на американската морнарица. Потонување на американски воен брод би претставувало огромен политички и воен шок за Вашингтон.

Пад на режимот и целосен хаос

Најцрното сценарио вклучува колапс на државата, граѓанска војна и етнички судири, со сериозни хуманитарни последици. Со оглед на тоа дека Иран има околу 93 милиони жители, ваков развој би предизвикал масовна бегалска криза и долгорочна нестабилност на Блискиот Исток.

Најголемата опасност, предупредуваат аналитичарите, е политичка одлука донесена под притисок. Доколку американскиот претседател Доналд Трамп нареди напад за да избегне политичка слабост или „губење образ“, без јасно дефинирана стратегија, конфликтот би можел да се претвори во долготрајна и неконтролирана војна со глобални последици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни