Штанд за донации за првиот центар за штркови пред проекциите на „Приказната за Силјан“ во Cineplexx

Документарниот филм ,,Приказната за Сиљан’’ денес за прв пат се прикажува во киното Сineplexx во Скопје. Пред проекциите на документарниот филм поставен е штанд за собирање средства за изградба на првиот рехабилитационен центар за штркови во Македонија, иницијатива посветена на заштита и згрижување на повредени и ослабени диви птици.

Како што информираат организаторите, секоја година во месеците август и септември голем број штркови се повредени или недоволно силни за да заминат со јатата на миграција, поради што дел од нив ја поминуваат зимата во Македонија.

Дел од птиците моментално се згрижени во затворен простор на ранчот The Countryside, но целта е да се изгради специјализиран простор наменет исклучиво за нивна рехабилитација.
Сите собрани средства од донациите ќе бидат наменети за првиот ваков центар во земјава, а имињата на донаторите ќе бидат испишани на дел од просторот, како симбол на заедничка грижа за природата и животните.


Иницијативата се реализира паралелно со кино-прикажувањата на документарниот филм „Приказната за Силјан“, кој денес ја има својата прва проекција во Синеплекс, додека македонската свечена премиера се одржа во Скопје, на 4 јануари (недела) во 20:30 часот во Македонскиот народен театар, пред публика која со голем интерес го очекуваше ова остварување.


„Приказната за Силјан“ е дело на филмска екипа која стои зад еден од најуспешните документарни филмови во македонската кинематографија, што го потврдуваат бројните награди освоени на меѓународните филмски фестивали, како и откупот на филмот од National Geographic.
Светските критичари филмот го опишаа како „триумф“, „апсолутен шармер“, „импресивно дело“ и „прекрасна и нежна меланхолија деликатно поврзана со екосистемот, притиснат од модерниот живот во Македонија“.


Со поврзувањето на уметноста, еколошката свест и конкретната акција, оваа иницијатива ја отвора можноста публиката не само да го погледне извонредниот филм на Тамара Котевска, туку и директно да придонесе за заштита на птиците и природата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни