Шпанските власти истражуваат можност африканската свинска чума, неодамнешно откриена во Каталонија, да потекнува од истражувачка лабораторија. Сомнежот се појави откако беа потврдени 13 случаи на зараза кај диви свињи во околината на Барселона, предизвикувајќи загриженост поради потенцијалната закана за шпанската свинска индустрија, вредна 8,8 милијарди евра годишно, известува The Guardian.
Додека првично се сметаше дека болеста се проширила откако дивите свињи јаделе контаминирана храна, како одброшен сендвич, истрагата се насочи во нов правец. Шпанското министерство за земјоделство открило дека сојот на вирусот пронајден кај умрените животни не одговара на соевите што моментално циркулираат низ Европската Унија. Наместо тоа, сличен е на сојот откриен во Грузија во 2007 година.
„Откритието на вирус сличен на оној што циркулирал во Грузија не ја исклучува можноста неговото потекло да биде од лабораторија за биолошка изолација“, соопшти министерството. Објаснија дека сојот ‘Грузија 2007’ е референтен вирус што често се користи во лабораториски експерименти и при развој на вакцини.
„Не исклучуваме никаква можност“
„Извештајот сугерира дека вирусот можеби не потекнува од животни или производи од животинско потекло од земји каде инфекцијата моментално е присутна“, додаваат во соопштението. Регионалниот претседател на Каталонија, Салвадор Ила, вчера потврди дека наредил ревизија на пет установи кои работат со вирусот на африканска свинска чума, наоѓајќи се во радиус од 20 километри од жариштето.
„Регионалната влада не исклучува ниту една можност за потеклото на избувнувањето на африканската свинска чума, но не ги потврдува ниту нив“, изјави Ила. „Сите хипотези остануваат отворени. Најпрво мораме да знаеме што се случило“, порача тој.
До сега министерството потврди 13 случаи на зараза, сите кај умрени диви свињи во радиус од шест километри од почетното жариште. Биле анализирани и телата на уште 37 диви животни, но сите биле негативни на свинската чума.
Шпанија е најголем производител на свинско месо во ЕУ
Специјалистите ја прегледале и 39 фарми за свињи во радиус од 20 километри и не пронашле траги од болеста. На погоденото подрачје биле испратени над 100 припадници на воена единица за итни случаи кои соработуваат со полицијата и ловочуварите.
Африканската свинска чума, иако безопасна за луѓето, често е смртоносна за свињите. Вирусот се појави во Кина во 2018 година, а три години подоцна потврден е и во Германија. Шпанија е најголем производител на свинско месо во Европската Унија.
Извозот изнесува 5,1 милијарди евра во земјите на ЕУ и речиси 3,7 милијарди евра на пазари надвор од блокот. Само во 2021 година во Шпанија биле заклани 58 милиони свињи, што претставува зголемување од 40% во однос на предходното десетилетие.
