Министерот за социјални права и заштита на потрошувачите, Пабло Бустиндуј, изјави дека станува збор за сместувања кои „ги прекршиле различните регулативи поврзани со користење на станови за туристички цели“.
Оваа одлука доаѓа откако судот во Мадрид наложи итно отстранување на 4.984 огласи што биле пријавени од страна на министерството. Овие сместувања се наоѓаат во шест региони: Мадрид, Андалузија, Каталонија, Валенсија, Баскија и Балеарските Острови.
Останатите 60.000 огласи се сè уште предмет на судски одлуки. Министерството тврди дека голем дел од нив немаат важечка дозвола, користат погрешни броеви на лиценци или не наведуваат дали издавачот е физичко лице или регистриран изнајмувач.
Станбената криза и владините мерки
Министерот Бустиндуј ја нарече оваа судска одлука „јасна победа за оние кои се борат за правото на домување“, додавајќи дека „ниту еден економски интерес не смее да стои над правото на дом, и ниту една компанија, колку и да е голема, не е над законот“.
Станбената криза стана еден од главните проблеми во Шпанија – кириите драстично пораснаа, особено во поголемите градови, додека платите не го следат истиот тренд. Просечната кирија се има удвоено во последните десет години, а туристичките станови често се посочуваат како една од главните причини поради намалувањето на достапниот станбен простор за локалното население.
Премиерот Педро Санчез веќе претходно изјави дека „во Шпанија има премногу Airbnb сместувања, а премалку домови“, најавувајќи ограничувања за неконтролираниот раст на туристичките изнајмувања.
Airbnb: Проблемот е недостигот на понуда
Airbnb најави дека ќе ја обжали судската одлука и обвинувањата на министерството, тврдејќи дека нема докази за неправилности, и се повикува на пресуда од 2022 година во која се вели дека одговорноста за огласите ја сносат сопствениците, а не платформата.
Портпарол на Airbnb изјави дека „главната причина за кризата со достапни станови во Шпанија е недостатокот на понуда“, додавајќи дека регулирањето на Airbnb нема да го реши проблемот, туку само ќе им наштети на локалните семејства кои се потпираат на приходите од изнајмување.
Локални иницијативи и протести
Некои локални власти веќе почнаа со конкретни мерки. Градските власти во Барселона најавија дека до 2028 година ќе ги укинат сите 10.000 огласи за краткорочно изнајмување. Во други региони, меѓу кои се Канарските Острови, Ибица и Мурсија, Airbnb има потпишано договори со локалните власти за подобра усогласеност со прописите.
Во меѓувреме, гневот на граѓаните против масовниот туризам расте. Илјадници луѓе излегоа на протест на Канарските Острови под слоганот „Канарите имаат граница“, а сличен протест се подготвува и на Мајорка на 15 јуни, во организација на групата „Помалку туризам, повеќе живот“.
Шпанија во 2024 година ја посетија 94 милиони странски туристи, што е раст од 13% во однос на претходната година. Се очекува дека бројката ќе достигне 100 милиони ова лето, со што ќе се зголемат и тензиите во најоптоварените туристички региони.