„Шпанија треба да избере дали ќе биде отворена и напредна земја или затворена и сиромашна земја. Тоа е многу едноставно“, рече Санчез.
Според него, миграцијата не е само прашање на хуманост, туку единствениот реален начин да се зајакне економијата и да се одржи социјалната држава во земја каде наталитетот е еден од најниските во ЕУ.
„Низ историјата, миграцијата беше еден од водечките двигатели на развојот на нациите, додека омразата и ксенофобијата беа, и продолжуваат да бидат, најголемите уништувачи на нашите земји. Клучната работа е добро да се управува со тоа прашање“, рече тој.
Од друга страна, големиот број на мигранти во европските земји доведе до зајакнување на десницата. По терористичкиот напад со нож, Германија повторно воведе гранични контроли, ставајќи го во прашање сонот за слободен Шенген.
Францускиот премиер Мишел Барние истакна дека нивоата на имиграција се „често неподносливи“.
Шведска и Финска најавија дека ќе воведат нови мерки за имиграција, додека Италија е обвинета дека замижува пред човековите права додека склучува договори со лидерите на Либија и Тунис за да го спречи доаѓањето на мигрантите.
Шпанскиот премиер рече дека неговата земја ќе тргне по поинаков пат со обезбедување ресурси за подобра интеграција на имигрантите на пазарот на трудот.
„Речиси половина од нашите општини се изложени на ризик од депопулација. Имаме постари луѓе на кои им треба негувател, но не можат да најдат. Компаниите кои бараат програмери, техничари, ѕидари не можат да најдат работници. Руралните училишта ќе мора да ги затворат своите врати“, рече Санчез.
Тој им се заблагодари на жителите на Канарските острови кои давале „дневни лекции за хуманост“ бидејќи примаат азиланти.
„Повеќе од два милиони Шпанци емигрираа за време на владеењето на Франко, од кои половина нелегално. Мораме да се потсетиме на патувањето на нашите мајки и татковци, баби и дедовци во Јужна Америка, Карибите и Европа. И да разбереме дека сега тоа е наша должност, особено денес, да бидеме толерантно општество полно со добредојде и поддршка“, рече тој.