Непосредно по инцидентот во Белата куќа кој се случи во петокот пред вклучените камери, за време на разговорот меѓу претседателот на Украина Владимир Зеленски и претседателот на САД Доналд Трамп, европските лидери изразија солидарност со Украина. Тие застанаа во одбрана на Зеленски, испраќајќи порака дека може да се надева на Европа. Меѓутоа, имаше и различни реакции.
„Никој не сака мир повеќе од граѓаните на Украина“, напиша германскиот канцелар Олаф Шолц (SPD) на социјалните мрежи. Тој додаде дека Украина може да се надева на Германија и Европа.
Идниот канцелар на Германија, Фридрих Мерц напиша на X дека Германија стои со Украина „и во добри и во тешки времиња“. „Никогаш не смее да се помеша агресорот и жртвата во оваа страшна војна“, порача Мерц.
Претседателот на Украина во меѓувреме пристигна во Лондон, каде што утре ќе се одржи состанок на европските лидери за мирот во Украина. Како што беше потврдено од седиштето на британската влада, британскиот премиер Кир Стармер, кој беше во Белата куќа ден претходно, ќе се сретне со украинскиот претседател уште во сабота попладне.
Како што соопшти портпаролот на Стармер, премиерот претходно разговараше телефонски со украинскиот и американскиот претседател, веднаш по нивната бурна расправа во Овалната канцеларија.
Францускиот претседател Емануел Макрон исто така телефониски разговараше со Зеленски по инцидентот во Белата куќа, соопштија од Елисејската палата. Засега нема информации за содржината на разговорот. Макрон во петокот, во првата реакција за новинарите за време на посетата на Португалија, рече: „Русија е агресор, Украинците се нападнати. Мораме да ги почитуваме оние кои се борат од самиот почеток“.
Францускиот претседател исто така изјави дека „беше исправно што пред три години сите заедно и помогнавме на Украина и воведовме санкции против Русија, и дека ќе продолжиме да го правиме тоа“. Макрон неколку дена претходно исто така беше во Белата куќа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја поддржува Украина, но како десничарски политичар, исто така има силни врски со Трамп. Мелони предложи самит во кој ќе учествуваат Соединетите Американски Држави, европските земји и сојузниците, истакнувајќи дека е важно да се разговара за тоа „како да се справиме со големите предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина“.
„Секое раздвојување на Западот нè прави послаби и оди во корист на оние кои сакаат да ја видат пропаста на нашата цивилизација“, додаде Мелони.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која се наоѓа во официјална посета на Индија, му порача на украинскиот претседател: „Бидете силни, бидете храбри, бидете непобедливи. Никогаш не сте сами, драги претседателе Зеленски. Ќе продолжиме да работиме со вас на праведен и траен мир“, пишува во пораката на платформата X.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Каја Калас го оспори лидерството на САД во западниот свет. „Денес стана јасно дека слободниот свет треба нов лидер“, напиша таа на платформата X и повтори поддршка за Европа за Украина, која беше нападната од Русија.
На социјалните мрежи со пораки на поддршка за Зеленски се огласија и многу други високи европски политичари, меѓу кои и премиерите или претседателите на Полска, Холандија, Шпанија, скандинавските и балтичките држави.
Потполно различна реакција стигна од Будимпешта: унгарскиот премиер Виктор Орбан му се заблагодари на Трамп за неговото залагање за „мир“. „Силните луѓе прават мир, слабите луѓе водат војна“, напиша тој на мрежата X.
„Денес претседателот Доналд Трамп храбро се залагаше за мир. Дури и ако многумина тоа тешко го прифатија“, додаде Орбан и заклучи: „Благодарам, господине претседателе!“