Вечерва, на Националната Арена “Тодор Проески, македонскиот фудбалски првак Шкендија, игра нов натпревар од квалификациите за најпрестижното европско клупско натпреварување.
Во Скопје на првиот меч од квалификациското коло, доаѓа Карабах, шампионот на Азербејџан, сериозен клуб со моќна европска репутација и искуство што се градело повеќе од деценија.
Тренерот на екипата од Тетово, Јетон Беќири верува дека неговиот тим може да одигра на високо ниво.
“Карабах е многу квалитетен тим, во последните 12 години освои 11 шампионски титули во Азербејџан. Ние треба не само да го дадеме максимумот, туку да одиме и над лимитот на нашите можности”, изјави тренерот Јетон Беќири.
Напаѓачот Бесарт Ибраими истакна дека тимот е подготвен за ново надигрување.
“Сигурно ќе го дадеме максимумот, а веруваме и дека можеме да направиме нов историски резултат”, изјави Бесарт Ибраими.
Натпреварот се игра од 20.00 часот, а реваншот е една недела подоцна во Азербејџан. Ако Шкендија успее да ја мине оваа пречка, тогаш во следното коло ќе се сретне со подобриот од двомечот Лудогорец (Бугарија) – Ференцварош (Унгарија)
Со пласманот во ова коло Шкендија има загарантирано место во групната фаза на Лигата на конференции, но ако го мине Карабах, тогаш ќе оствари историски успех и ќе се најде на чекор до пласман во Лигата на шампионите.