Компанијата соопшти дека со тоа Фреиксе го прекршил кодексот за деловно однесување, поради што ја напушта „Нестле“ по 40 години служба, пренесува Гардијан.
Од „Нестле“ информираа дека одлуката за неговото разрешување била донесена по истрага надгледувана од претседателот на управниот одбор Пол Булке и независниот директор Пабло Исла, со поддршка на надворешни советници. Утврдено е дека врската со директно подредена личност претставувала сериозно прекршување на внатрешните правила.
„Ова беше неопходна одлука“, изјави Булке. „Вредностите и корпоративното управување на ‘Нестле’ се цврсти темели на нашата компанија. Му се заблагодарувам на Лоран за долгогодишната служба.“
Фреиксе ја презеде функцијата извршен директор во септември минатата година, наследувајќи го Марк Шнајдер. „Нестле“ е сопственик на познати брендови како чоколадата KitKat, сладоледите Häagen-Dazs и кафето Nespresso.
Нов извршен директор
За наследник на Фреиксе е назначен Филип Навратил. Булке, кој најави повлекување од местото претседател на управниот одбор во 2026 година, изрази доверба во новиот директор, опишувајќи го како лидер со „импресивно искуство во постигнување резултати во предизвикувачки услови“.
Тој додаде дека Навратил „е познат по своето динамично присуство, инспирира тимови и води со колаборативен и инклузивен стил на управување“. Управата очекува тој да ги унапреди плановите за раст и да ја забрза ефикасноста на компанијата.
Навратил ја започнал кариерата во „Нестле“ во 2001 година како интерен ревизор. По повеќе комерцијални позиции во Централна Америка, во 2020 година преминал во стратешката бизнис-дивизија за кафе, а од 1 јануари оваа година е член на извршниот одбор.
Случајот потсетува на септември 2023 година, кога извршниот директор на „BP“, Бернард Луни, поднесе оставка бидејќи не пријавил интимни врски со колеги. Подоцна беше и официјално отпуштен за „сериозно недолично однесување“, со што остана без над 32 милиони фунти во плата и акции, а компанијата воведе строга политика за задолжително пријавување на вакви односи.
Извор: Index.hr