Извршниот директор на Heineken, Долф ван ден Бринк, денес поднесе оставка, завршувајќи го своето шестгодишно управување со холандската пиварница само неколку месеци по објавувањето на новата деловна стратегија.
Ван ден Бринк ја презеде функцијата во јуни 2020 година, во време на пандемија, и ја водеше компанијата низ турбулентен период обележан со пораст на трошоците и пад на продажбата, што ја намали маржата и вредноста на акциите. Управата соопшти дека ќе започне потрага по нов директор на групата, која, покрај брендот Heineken, вклучува и Tiger, Amstel и Karlovačko пиво.
Ван ден Бринк ќе ја напушти функцијата на 31 мај, но се согласил уште осум месеци да работи како советник, со цел да помогне во транзицијата на новото раководство. Тој и претседателот на надзорниот одбор, Питер Венник, истакнаа дека тоа е вистински момент за именување на ново раководство, а во октомври управата објави нова стратегија за периодот до 2030 година.
„Ова ќе му помогне на Heineken на долг рок“
„Heineken дојде до фаза во која смената на врвот ќе ѝ помогне најмногу во остварувањето на долгорочните амбиции“, изјави Ван ден Бринк, нагласувајќи дека до заминувањето ќе биде целосно посветен на спроведувањето на новата стратегија.
Тој е последниот во низата директори во секторот на потрошувачки производи кои заминуваат по тежок период, обележан со слаб финансиски капацитет на домаќинствата во услови на високи трошоци на животот.
Фокус на премиум и безалкохолно пиво
Пиварниците се соочуваат со проблеми во обемот на продажба поради различни фактори, од лоши временски услови до политичка нестабилност. Heineken истовремено заостанува зад конкурентите во контрола на трошоците и повратот на инвестициите.
Според стратегијата до 2030 година, задачата на новиот извршен директор ќе биде пренасочување на ресурсите на компанијата кон одредени брендови и пазари. Управата ја истакна „водечката позиција“ на пазарите како Индија, Мексико, Виетнам и Етиопија, како и во сегментите премиум и безалкохолно пиво.
