Шефот на Фејсбук и Инстаграм ја откри тајната: Еве зошто поминувате сѐ повеќе време на овие мрежи

При објавувањето на најновите деловни резултати, Мета се пофали со зголемувањето на времето кое корисниците го поминуваат на своите социјални мрежи.

Пресметката за сите социјални мрежи е сосема јасна – колку е поголем бројот на корисници и колку подолго поминуваат скролајќи на нивните екрани, толку повеќе реклами ќе им се прикажуваат. А тоа, секако, значи и поголеми приходи и поголем профит, што сепак е главната цел на приватните компании.

Затоа технолошките компании со години бараат магична формула која ќе им овозможи на корисниците да го задржат своето внимание и поглед на екраните што е можно подолго, да гледаат што повеќе содржини и реклами. За да успеат во тоа, мора постојано да го менуваат и подобруваат алгоритмот, но и да внимаваат на типот на содржина што ќе им се прикажува. На пример, негативната и насилна содржина може да привлече големо внимание кај корисниците, но таквата содржина може да има лоши последици за нив, особено за тинејџерите.

Мета изгледа успеа да најде начин дополнително да го задржи вниманието на корисниците на Facebook и Instagram, а тоа е алгоритам заснован на – вештачка интелигенција. Откако беше претставен, времето кое корисниците го поминуваат на овие социјални мрежи значително се зголеми, се пофали компанијата на Цукерберг минатата недела. Од воведувањето на новиот алгоритам за вештачка интелигенција, времето кое корисниците го поминуваат на Facebook е зголемено за околу осум проценти, додека тој процент за Instagram е помал, но сепак значителен – шест проценти.

Мета ги спомна само процентите, а не зголемувањето на вистинското време што сега корисниците го поминуваат на тие мрежи. Според предвидувањата на експертите од eMarkter, тоа зголемување би можело да изнесува 10 до 15 часа повеќе во текот на една година, пренесува The Independent.

Цукерберг има повеќе планови во однос на неговата социјална мрежа и вештачката интелигенција, па минатата недела, при објавувањето на кварталните резултати, тој најави дека се надева дека ќе додаде сосема нов извор на Facebook и Instagram, односно категорија на содржини што ќе бидат целосно генерирани од вештачката интелигенција или тоа ќе биде некакво резиме составено од вештачката интелигенција.

Според тоа, очекувањата за иднината се дека на крилата на вештачката интелигенција, корисниците ќе поминуваат повеќе време со мрежите на Цукерберг, што позитивно ќе влијае на прикажувањето на рекламите и приходите од реклами, но од друга страна, трошоците за развој и користење на вештачката интелигенција би можеле значително да се зголемат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни