Група американски државјани поднесоа тужба пред федерален суд, во која тврдат дека Жао овозможил трансакции кон Хамас по нападите врз Израел на 7 октомври 2023 година, пренесува Financial Times. Според тужителите, членовите на нивните семејства биле убиени, ранeти или киднапирани во нападите, а Binance наводно им помогнала на милитантните групи да го сокријат трагoт на финансиските текови.
Во тужбата се наведува дека Жао и неговата компанија свесно давале значителна поддршка на организации како Хамас и Хезболах, овозможувајќи им непречено да вршат трансакции преку криптовалути. Адвокатите на жртвите тврдат дека сомнителните исплати продолжиле и по ноември 2023 година, кога Binance прифати да плати казна од 4,3 милијарди долари поради прекршување на американските закони против перење пари и санкции.
Жао, познат како CZ, веќе беше осуден на четири месеци затвор откако призна вина за пропусти во спречувањето на перење пари. Во октомври годинава беше помилуван од претседателот Доналд Трамп. Белата куќа тогаш соопшти дека Жао бил „неосновано прогонуван од администрацијата на Бајден“ во нивниот, како што наведоа, „војна против криптовалутите“, истакнувајќи дека против него немало оптужби за измама ниту докажани жртви.
Од Binance порачаа дека не можат да коментираат активен судски процес, но нагласија дека компанијата строго ги почитува меѓународните санкциски прописи, исто како и традиционалните финансиски институции. Потсетија и на изјавите од раководители на американското Министерство за финансии, кои наведоа дека Хамас не користи широко криптовалути за финансирање.
Новата тужба, поднесена од тим адвокати меѓу кои е и поранешниот американски амбасадор Ли Волоски, бара поостра одговорност од Binance. Во документот се наведува дека берзата овозможила трансакции кон дигитални паричници за кои знаела или морала да знае дека се поврзани со Хамас, Иранската револуционерна гарда, Хезболах и Палестинскиот исламски џихад. Се тврди дека од октомври 2023 година преку Binance биле овозможени плаќања во вредност од над 50 милиони долари кон сметки поврзани со овие групи, како и дека паричници под контрола на самата компанија испратиле над 300 милиони долари пред нападот и повеќе од 115 милиони долари по него. Според тужителите, дел од спорните сметки и денес се активни, а нема докази дека Binance значително го изменила своето работење.
Обвиненијата доаѓаат во период кога Binance го зацврстуваше своето присуство на глобалниот пазар. Неколку месеци пред Жао да биде помилуван, компанијата примила инвестиција од 2 милијарди долари од фонд од Обединетите Арапски Емирати, реализирана преку стабилкоин издаден од група која делумно е во сопственост на семејството Трамп. Жао засега не одговорил на барањата за коментар околу новата тужба.
Извор: Index.hr
