Националниот парк Шар Планина претставува едно од најзначајните природни богатства на Македонија, прогласен за национален парк во 2021 година. Се протега низ северозападниот дел на државата, опфаќајќи високи планински врвови, длабоки долини и алпски пасишта, со вкупна површина од 62,705 хектари.Заштитата на Шар Планина е приоритет и обврска на државата, но и на сите посетители и локалното население. Одржливо користење на ресурсите, едукација и почитување на природата се клучни за зачувување на ова природно наследство за идните генерации. За Националниот парк, неговите убавини но и проблеми разговаравме со Aнела Ставревска Панајотова, раководител на одделението за заштита на природа во ЈУ Национален Парк Шар Планина
Трн: Кои природни убавини и карактеристики го прават Националниот парк Шар Планина уникатен?
Aнела: Националниот парк Шар Планина претставува едно од највредните природни подрачја во Македонија и поширокиот Балкан. Неговата уникатност произлегува од извонредната комбинација на природни убавини, биолошка разновидност и геолошка комплексност.
Тие се една од најпрепознатливите карактеристики на паркот, формирани уште во времето на последниот ледник, вгнездени во вгнездени во плитки или длабоки циркови. Само во македонскиот дел на планината се наоѓаат околу 30 вакви езера, меѓу кои најпознати се Црно Езеро, Боговињско Езеро, Ливадичко, Големо Јажинско, и др. Овие езера не само што се еколошки значајни, туку претставуваат и живописни пејзажи кои привлекуваат туристи, фотографи и љубители на природата. Од Шар Планина извираат повеќе од 100 извори, а има 25 поголеми реки. Сите овие карактеристики претставуваат значаен дел од нејзиното хидролошко богатство.
Планинскиот масив содржи и високи врвови, како Титов Врв (2747 м), втор по височина во државата, и Љуботен (2498 м), кој со својот пирамидален облик доминира на североисточниот дел од планината. Врвовите се опкружени со алпски пасишта, карпести предели и длабоки долини кои го оформуваат специфичниот гео-морфолошки карактер на регионот.

Кога станува збор за флората и фауната, Шар Планина е дом на над 2000 видови васкуларни растенија, од кои над 200 се балкански ендемити, а некои се дури и локални ендемити – што значи дека не се среќаваат никаде на друго место во светот. Карактеристични видови се шарската темјанушка (Viola sharbanica) и некои ретки видови орхидеи. Од фауната, Шар Планина е едно од ретките живеалишта на балканскиот рис, строго заштитен и критично загрозен вид. Исто така, тука живеат кафеавата мечка, волкот, дивата коза (дивокоза), јазовец, како и многу видови птици – златен орел, сокол скалест, и глувара.
Освен природната убавина, Шар Планина има и културно богатство. Традиционалното сточарство, планинските села, и вековните пасишта создаваат хармоничен пејзаж кој го поврзува човекот со природата. Жителите на овие подрачја и денес ја негуваат традиционалната архитектура, обичаи и занаети, а не треба да го изоставиме и Шарпланинецот како дел од вековното сточарење. Поради флористичкото богатство на пасиштата, најквалитетните млечни производи доаѓаат од Шар Планина.
Карактеристично за Националниот парк е што во него има 25 живи села и во паркот живеат околу 16-17.000 луѓе, а во Полошкиот регион уште многу повеќе. За сите овие луѓе, Шар Планина има најважна заштитна улога за да не чува од природни катастрофи како пожари, поплави, порои, ерозија, недостаток на вода, лавини, губиток на биодиверзитетот и др.
Дивата природа и културни особености ја прават Шар Планина не само природен бисер на Македонија, туку и потенцијален центар за одржлив развој, еко-туризам и зачувување на биолошката и културна разновидност. Токму тоа е дел од визијата за управување со Националниот парк, да биде зачуван и да биде една од најпосетуваните туристички дестинации во Европа.

Трн: Кажи ни нешто повеќе за планината, релјефот, флората и фауната?
Aнела: Шар Планина е една од највеличествените планински масиви на Балканот, се протега низ северозападниот дел на Македонија, дел од Косово и делумно Албанија. Таа претставува природна бариера и дом на исклучителна природна и биолошка разновидност. Има должина од околу 80 километри и широчина од 10 до 20 километри, што ја прави една од најобемните планински области во земјата.
Релјефот на Шар Планина е планински и алпски, со високи врвови, стрмни падини, длабоки долини и широки планински пасишта. Највисок врв е Титов Врв (2747 м) но има вкупно 109 врвови над 2000 метри надморска височина. Повеќе од 30 планински врвови над 2.500 метри. Единствениот масив во Европа каде што можете да пешачите 95 километри и никогаш да не се спуштите под 2200 метри надморска височина. Врвот Љуботен го имаме и на грбот на град Скопје, како препознатлив симбол во хоризонтот.
Глацијалните форми, создадени од движење на древните ледници – езера, циркови, морени и убава карпеста структура, и даваат посебна убавина. Тие се доказ за долга геолошка историја.
Флората на Шар Планина е една од најразновидните во Европа. Се среќаваат над 2000 видови растенија, вклучувајќи многу ендемити (растенија кои растат само на оваа планина) и ретки балкански видови. Типични се: шарската темјанушка, шарската ибериска трева, шарпланинскиот чај, различни видови диви орхидеи, иглолисните шуми, моликата, најјужното природно наоѓалиште на смрчевите шуми во Европа и букови шуми на пониските надморски височини. Најзастапени се пасиштата, алпските ливади, мешаните шуми, и високопланинските растителни заедници, кои се од голема еколошка важност.
Фауната на Шар Планина е исто така исклучително богата. Ова подрачје е познато по присуството на заштитени и загрозени животински видови, како: балкански рис – еден од најретките предатори во Европа, кафеава мечка, волк, дивокоза, јазовец, златен орел, глувара, сокол скалест – значајни грабливки во птичјиот свет. Покрај големите цицачи и птици, има и богатство од влекачи, водоземци, инсекти, и риби, кои живеат во езерата и потоците на планината.
Трн: Зоната на строга заштита зафаќа 26,56% од површината на паркот, што има таму?
Aнела: Во зоната на строга заштита се наоѓаат највредните и најчувствителните природни подрачја, каде што природата е речиси недопрена од човекот. Оваа зона е создадена со цел да се зачуваат исклучително значајни екосистеми, ретки и загрозени видови, како и природни процеси кои се одвиваат без човечка интервенција. Во неа се наоѓаат живеалишта на загрозени видови и таа е критично важна за опстанокот на балканскиот рис, кој бара тивки, ненаселени и недостапни предели. Исто така, тука се наоѓаат живеалишта на кафеавата мечка, волкот, дивокозата, и бројни ретки птици како глуварата и златниот орел.
Многу од ледничките езера, како Црно Езеро, Ливадичко и Големо Јажинско, се исто така сместени токму во оваа зона. Овие езера имаат големо еколошко значење како извори на вода и специфични живеалишта за растителни и животински видови.
Во зоната на строга заштита има ендемична и ретка флора. Овде растат растенија кои не постојат никаде на друго место, вклучувајќи алпски и субалпски видови кои се адаптирани на специфични климатски и почвени услови.
Исто така, во зоната на строга заштита се наоѓаат недопрените букови и иглолисни шуми и алпските пасишта се дел од оваа зона. Тие се важни за регулација на микроклимата, задржување на вода, и одржување на биолошката рамнотежа. Во зоната на строга заштита е забрането или строго ограничено човековото влијание и целта е да се остави природата да се развива самостојно.

Трн: Како е примено создавањето на НП од страна на локалното население, дали имате блиска комуникација и дали ви помагаат во работата?
Aнела: Создавањето на Националниот парк Шар Планина беше пречекано со мешани реакции од локалното население, што е сосема очекувано кога станува збор за воведување на нешто ново. Од една страна, многу жители ја поддржуваа идејата за заштита на природата, бидејќи препознаа дека паркот носи можности за развој на еко-туризам, нови работни места, поддршка за традиционалното сточарство и подобра инфраструктура. За нив, националниот парк е шанса за промоција на регионот и зачувување на животната средина за идните генерации.
Од друга страна, дел од населението имаше загриженост, особено во врска со ограничувањата за користење на шумите, пасиштата и водите, кои со години наназад им служеле за преживување и традиционална економија. Во последните години, соработката се подобрува. Локалните жители сѐ повеќе се вклучуваат во заштитата на планината затоа што практично нема големи промени во користењето на земјиштето и природните ресурси освен што се намалени недозволените активности. Тие се клучен партнер во мониторингот на природата, во спречување на криволовот и нелегалната сеча, како и во промоцијата на културното наследство.
Успешна заштита на Шар Планина е можна само преку активно учество на локалните заедници, вклучување и поддршка. Националниот парк треба да е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа, а сите оние кои ги гледаат ресурсите и Шар Планина со економски фокус наместо низ призмата на одржливост, треба за секогаш да останат незадоволни.
Трн: Колку е важна Шар Планина за еколошката рамнотежа во Македонија и пошироко?
Aнела: Шар Планина има огромно значење за еколошката рамнотежа, не само во Македонија, туку и на ниво на целиот Балкански Полуостров. Таа претставува еден од најзначајните „зелени коридори“ – природен мост што ги поврзува различните екосистеми и овозможува движење и опстанок на бројни животински и растителни видови.
Веќе ја споменав важноста на водите. Шар Планина е главен водоснабдувачки регион – тука извираат многу реки како Радика, Вардар (преку Треска), Пена и други. Овие води се клучни за пиење, земјоделство, индустрија и одржување на екосистемите во пошироката област. Всушност, и изворот Рашче кој е од витално значење за снабдување на вода за пиење на Скопје се храни од шарските води.
Од аспект на биодиверзитетот, има големо значење за Европа. Со над 2000 видови растенија и многу ретки животни, планината е една од најбогатите биолошки зони во Европа. Таа служи како засолниште за загрозени видови, особено за балканскиот рис, златниот орел, дивокозата, но и многу ендемични растенија кои не постојат на друго место.
Густите шуми и алпските пасишта ја апсорбираат CO₂ и произведуваат кислород, влијаат на ладење на климата и го спречуваат ерозивното дејство на дождовите и ветерот. Тоа ја прави планината приреден климатски регулатор.
Шар Планина е значајна поради својата еколошка поврзаност. Таа е дел од т.н. „Шарско-Пиндски еколошки коридор“, кој ги поврзува Алпите со Родопите. Оваа поврзаност овозможува миграција и генетска разновидност на диви видови, што е клучно за нивниот опстанок во услови на климатски промени. Шар Планина е наша природна заштита од поплави и ерозија. Планинскиот терен, шумите и тревните површини ја апсорбираат и регулираат водата, спречувајќи поплави во подолните области и одржувајќи стабилен хидролошки циклус.
Шар Планина е еколошко срце на Македонија, а нејзиното зачувување е од витално значење за здравјето на природата, општеството и иднината на целиот регион.

Трн: Колку е важна улогата на паркот во заштита на ретки и ендемични видови?
Aнела: Таа улога е клучна и незаменлива, всушност затоа и постои Јавната Установа Национален парк Шар Планина која е прогласена од Вларата на РСМ. Паркот е создаден да управува интегрално со просторот и ресурсите токму со цел да ги заштити највредните природни богатства на оваа планина, кои се значајни не само на национално, туку и на европско и светско ниво.
Како што веќе реков, Шар Планина е дом на голем број видови, а над 200 растителни видови се балкански или локални ендемити. Тоа значи дека не постојат на ниту едно друго место во светот и уште еднаш ќе ги потенцирам загрозените животни.
Со воспоставувањето на паркот, се забрануваат активности кои ги загрозуваат видовите како што се: неконтролирано сечење и уништување на шуми, криволов, загадување на езерата и реките, недозволена градба итн. Воедно, паркот врши научен мониторинг, со помош на биолози и чувари на природата, што овозможува следење на популацијата и здравјето на видовите.
Како дел од напорите за заштита на уникатните природни вредности на Шара, Јавната Установа Национален парк Шар Планина од минатата година воведе и скромна едукативна содржина за деца од предшколска возраст. Интересот е голем но нашата цел е групните училишни посети на Националниот парк да влезат во образовниот курикулум како задолжителни, а за ова веќе имаме испратено барање до Миинистерството за образование и наука.

Трн: Дали и како паркот придонесува за развојот на еко-туризмот во регионот? Од каде и каков тип на посетители имате најмногу? (домашани, странски, планинари…)
Aнела: Националниот парк Шар Планина сè повеќе се развива како дестинација за еко-туризам, привлекувајќи љубители на природата од земјата и странство. Паркот придонесува за одржлив развој на регионот, нудејќи еколошки прифатливи активности што ја почитуваат и штитат природната средина, а воедно и ја зајакнуваат локалната економија.
Трн: Како паркот го поттикнува еко-туризмот?
Aнела: Како институција која постои само 3 години, за поттикнување на еко-туризмот всушност првите напори ги правиме оваа година. Во тек се иницијативи за поставување на нови информативни табли и патокази, засолништа, информативен центар, реконструкција на парковска инфраструктура, бележење на планинарски патеки итн., но не чека многу работа, а за жал работите не одат секогаш според планираното поради многубројни административни процедури, политички процеси во државата и недостаток на средства.
Фокусот ќе биде ставен на одржливи и алтернативни форми на туризам наместо на масовниот туризам со цел да се распореди притисокот од посетители на различни делови од планината. Целиот тим е посветен, почнавме со активности и останува да видиме до каде ќе успееме да стигнеме земајќи ги во предвид сите предизвици.
Во тек е и поддршка за локални бизнис иницијативи кои ќе придонесат за развој на туризмот но воедно и ќе придонесат кон спроведување на активности од планот за управување со подрајчето. Овие претприемачи ќе изработат бизнис планови и дел од нив ќе бидат финансиски подржани од бизнис ангели за да заживеат нивните идеи.
Во неколку села веќе жителите ги адаптираат или реновираат семејните куќи за сместување на туристи. Отворени се неколку нови ресторани и кафетерии, а сето ова е резултат на тоа што локалното население многу добро ги препознава потенцијалите кои ги нуди планината, автентичната храна и традиција за економска корист на жителите.

Трн: Какви посетители доаѓаат?
Aнела: Голем дел од посетителите се од Македонија – планинари, љубители на природата, велосипедисти, фотографи, семејства и училишта. Особено популарни се викенд-излети кон Попова Шапка, Долна Лешница, Љуботен, и езерата. Во летниот период има голема посетеност на домашни туристи кои всушност живеат надвор од државата во поголемиот дел од годината и доаѓаат да се релаксираат. Најчесто проблемите со отпад и неконтролирано движење со моторни возила доаѓа од оваа група на луѓе кои ги потценуваат нашите природни богатства.
Има зголемен интерес од странски туристи, главно од Западна Европа како Германија, Холандија, Франција, Полска но и од Балканот. Тие најчесто се заинтересирани за алтернативни форми на туризам кои не оставаат еколошки отпечаток.
Се надеваме дека во иднина Националниот парк Шар Планина ќе биде пример за тоа како заштитената природа може да биде двигател на зелениот развој и туризмот што не ја уништува, туку ја негува природата.

Трн: Дали се грижат да не остават отпад зад себе?
Aнела: Повеќето посетители на Националниот парк Шар Планина се свесни за важноста на чиста природа и се обидуваат да не оставаат отпад зад себе. Особено еко-туристите, планинарите и организираните групи со водичи најчесто практикуваат принципи како „остави го местото како што го најде“.
Сепак, предизвици постојат, особено: Кога има масовни викенд-посети, излети или непланирани кампови; Кога посетителите не се доволно информирани или немаат едукација за еко-однесување; Најголем проблем е отпадот кој систематски не бил собиран од високо планинските села и веќе се направени депонии кои ги дочекуваат и ги испраќаат туристите со грда слика.
Во соработка со низа партнери се обидуваме да се воведе систем за редовно собирање на отпад и организираме акции за чистење со волонтери, ученици, планинарски друштва и локални организации; На критичните места имаме веќе поставено информативни табли со упатства за однесување во природа и правиме едукативни настани за децата од основни училишта и редовно пренесуваме едукативни содржини преку социјалните мрежи;
Со одговорно однесување, сите можеме да придонесеме Шар Планина да остане чиста и недопрена за идните генерации.
Националниот парк треба да е простор каде луѓето и природата живеат во рамнотежа, а сите оние кои ги гледаат ресурсите и Шар Планина со економски фокус наместо низ призмата на одржливост, треба за секогаш да останат незадоволни. Со одговорно однесување, сите можеме да придонесеме Шар Планина да остане чиста и недопрена за идните генерации.