„Севселенска“ на Виолета Танчева Златева лауреат на „Антево слово“

Годинава наградата „Антево слово“ ја понесе песната „Севселенска“ на Виолета Танчева-Златева (која минатата година за поетскиот ракопис „Глуво време“ ја доби наградата „Антев златник“ на конкурсот распишан од манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“). Одлуката за „Антево слово“ 2022/ 2023 година едногласно ја донесе жири-комисијата во состав: Митко Гогов (претседател), Атина Цветаноска, Иван Антоновски, Александра Јуруковска, Жорж Поповски (членови) и Геро ла Векија како надворешен соработник, по разгледување на повеќе од 120 пристигнати дела.

Виолета за наградата истакна: „Оваа награда ми е особено драга токму затоа што го носи името на нашиот великан Анте Поповски. Сите ние имаме различни поетики, и радува фактот дека книжевните и проследувачите на делото на Анте  пронаоѓаат паралела во моето и неговото творештво“.

„И во оваа песна на Виолета Танчева-Златева, лирскиот субјект истовремено е и поетовото Јас и општочовечкото Ние, при што рафинираноста на поетскиот израз и овојпат се остварува и со авторска почит кон македонскиот литературен јазик која остава печат врз стилот на оваа поетеса. Песната се надоврзува на претходните творечки резултати на Танчева Златева и е уште едно камче од поетскиот мозаик што го гради со нејзините поетски книги објавени изминативе неколку години. Но тој мозаик е резултат на автентична поетика која е дел од естетската вертикала на современата македонска поезија“, пишува во образложението на жири-комисијата.

Околу инспирацијата за песната, Виолета изјави: „во „Севселенска“ сакав да го пренесам мојот став, моето внатрешно чувство дека сè  во природата е поврзано и дека сè пулсира и се прелева едноводруго. И дека сите ние сме чеда на природата, и на љубовта“.

Славица Гаџова Свидерска за песната „Картографија на себеси е добитничка на втората награда, а Иван Иванов за песната „Сега и сетне“ и Омобоно Лила од Канада за песната „Голема е емоцијата“ се носители на третата награда, додека Лука Иванов за песната „Таворската светлина“ е добитник на наградата за млад автор.

Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“.

Инаку, песните што учествуваат на конкурсот не треба да следат одредена зададена тема, ниту да бидат во рамките на одреден број стихови. Според организаторите, конкурсот е покренат со цел, преку возвишена поезија, да се прослави и овековечат духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Единствениот критериум е естетскиот и висококнижевниот. Освен на мајчиниот јазик, треба да се прати препев на песната на италијански, а по можност, и на англиски јазик.

Меѓународниот конкурс „Антево слово“ се распишува од Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“ – Струмица“. На конкурсот учествуваат повеќе земји – секоја од нив избира свој национален победник, а сите потоа учествуваат во официјалната селекција за главната награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело ла Векија“, која е именувана по професор Анџело ла Векија, познат на Сицилија и во Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор. Воедно, оваа поетска манифестација е и своевидна прослава на поезијата и поврзување на поетите од светот.

Наградата „Антево слово“, која се доделува за најдобра поетска творба во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски, е дел од Меѓународната поетска манифестација „Анџело ла Векија“, која се одржува секоја година во градот Каникати во Сицилија, Италија. „Антево слово“ е дел од оваа меѓународна манифестација, а воедно и прва од ваков вид која се доделува за македонски автор надвор од нашата држава.

Во продолжение можете да ја прочитате наградената песна од Виолета.

СЕВСЕЛЕНСКА

Разбудена од нашиот допир

се стресува земјата и ни се лизнува

од под нозете отворајќи ни пат

низ просторот блажен до Него

Збудалени од нашите искри

ѕвездите ја разгрнуваат Кумовата Слама

за да помине коработ свиден

што возбуден езди по небото

Уплашено од жарот збукнат

сонцето се крие зад облаците

давајќи ѝ сенка и заветрина

на љубовта од оган замесена

за да не согориме во неа

пред да угрее месечината

и да нѐ прибере во меките

прегратки на починка

Најново

Последни колумни