Куратори на изложбите се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
Наградата се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, која се доделува на двајца автори за нивните дела.
Младиот уметник Емрулаи, на минатогодишното Биенале победи со инсталацијата „Помеѓу“, а уметницата Крачуновиќ е добитник на наградата за видео перформансот „Хидра“.
На 5 септември Серхат Емрулаи самостојно ќе се претстави со инсталацијата „Се селиме на нова локација“.
Тој вешто ја интегрира уникатната архитектура на музејот во личен авторски наратив, претворајќи го просторот во клучна компонента од уметничкото дожувување. Со тоа, посетителите се вовлечени во внимателно трасиран пат преку просторен дизајн, промислено осветлување и симболични материјали, за да се предизвика длабока ангажираност кај посетителите за теми, како родови улоги, економски превирања и демографски промени.
Емрулаи (Германија, Кил, 1989) студирал ликовна педагогија на Академијата за ликовни уметности во Тетово до 2013 година. Во 2016 година, се преселува во Италија и се запишува на Академијата за ликовни уметности во Венеција, каде што првин дипломирал сликарство, а потоа завршил магистерски студии по сликарство на истата академија. Досега има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, работилници и аукции во Италија, Германија, Албанија и во земјава. Во 2022 година, самостојно има изложувано во Скадар, Албанија, а истата година, на покана од ВизАРТ, учествувал на колективна изложба одржана во Националниот историски музеј на Тирана, каде што е награден за „најдобар современ уметник“.
Наџа Крачуновиќ на 5 септември ќе се претстави со самостојна изложба „Во име на мајка, во презиме на татко“ и со перформанс во живо „Во твое име“. Текстот за перформансот го потпишуваат Наџа Крачуновиќ и Ивана Маричиќ, која и учествува во самата изведба. Костумите за перформансот се на Луна Шаламон и Валентина Венцел.
Таа го испитува музејот како радикално место, каде традицијата се среќава со современиот живот на бракот, како отпор, наместо социјална норма, и меѓугенерацискиот однос мајка-ќерка. Крачуновиќ се занимава со женското наследство од двата родители и нуди стратегии за опстанок во патријархалните општества, кои го третираат актот на бракот, како акт на отпор.
Наџа Крачуновиќ(Србија, Белград, 1996) е мултидисциплинарна уметница која живее и работи во Вајмар, Германија, каде што дипломирала на магистерската програма „Јавна уметност и нови уметнички стратегии“. Комбинирајќи ги медиумите, Крачуновиќ создава дела, специфични за локацијата и контекстот, користејќи измислени наративи, хумор, раскажување, перформативна поезија и сопствениот глас, кои се присутни во нејзините видео перформанси, звучни дела, објекти и писанија. Нејзините дела се занимаваат со секојдневната фикција, како и со просторите и телата што се дел од неа: индивидуални тела, женски тела, алтер его; сцени на јавни простори; и различни општествени конструкти и појави. Со искуство во театарот, креира доживувања што ја водат публиката во светот на протагонистот, секогаш имајќи слатко-горчлива нота. Покрај самостојни изложби во Србија и Германија, Крачуновиќ има изложувано на преку 30 групни изложби низ Европа, а нејзините дела биле изложени во музејот Баухаус во Вајмар и уметничките колекции на Кемниц. Учествувала во многу интердисциплинарни уметнички проекти и работилници, меѓу кои и AirR Free Radicals на Пловечкиот универзитет во Берлин и работилницата Heritage for Communities DAAD (Наследство за заедниците ДААД) во Каиро, Египет. Во 2022 година, таа учествуваше во Документа 15 во рамките на Cooking Conflicts Collective во Касел и на младинското биенале во Белград со „Носталгија по иднината ФМ“, имагинарна, бескрајна радио-станица која ја основа во 2021 година.
Фотографија на постер: Родриг Сад. Нејзиниот проект е поддржан од ЕУ. Ставовите изразени во делата не се рефлексија на официјалното мислење на Европската Унија.
Изложбите се поддржани од Министерство за култура на Р.С.Македонија, Гете Институт, ЕУ и долгогодишниот пријател на МСУ, Тиквеш.