Три сенатори од Демократската партија ја повикаа денеска Белата куќа да побара овластување од Конгресот за продолжување на рокот што ѝ беше даден на кинеската компанија Бајтенс да ја продаде популарната апликација за социјални мрежи TikTok, или во спротивно ќе следи нејзина забрана.
Претседателот Доналд Трамп во јануари еднострано го продолжи рокот за продажба од 19 јануари до 5 април, пренесува Ројтерс.
„Ова неспроведување на забраната за TikTok не беше само незаконско, туку покрена и сериозни прашања за иднината на таа апликација“, напишаа демократските сенатори Ед Маркеи, Крис Ван Холен и Кори Букер. Претходниот американски претседател Џозеф Бајден во април минатата година потпиша закон за забрана на платформата TikTok во САД, освен ако нејзиниот кинески сопственик Бајтенс не ја продаде својата деловна активност во САД до 19 јануари 2025 година.
Американските продавници на апликации го отстранија TikTok неколку дена пред 19 јануари, но претседателот Доналд Трамп веќе на првиот ден по стапувањето на функција на 20 јануари ја суспендираше забраната на кинеската платформа за 75 дена, до 5 април.
Трамп претходно изјави дека е подготвен да го продолжи работниот рок на TikTok во САД, ако тоа биде потребно за да страните можат да потпишат договор, пренесува Танјуг.
Потпретседателот на САД Џеј-Ди Ванс истакна дека се очекува договор на висок ниво со компанијата во чие сопствеништво е TikTok до 5 април. Доналд Трамп минатиот месец го овласти Ванс и советникот за национална безбедност Мајкл Волц да го надгледуваат потенцијалниот процес на продажба на TikTok.