42 пријави за семејно насилство за две недели – расте бројот на случаи

По серијата трагични настани, сè повеќе жртви се охрабруваат да пријават насилство, покажуваат податоците од МВР

Во период од две недели, во билтените на МВР се евидентирани 42 случаи на семејно насилство. Зголемениот број пријави доаѓа по јавните апели за пријавување, но и по неколку трагични случаи кои ја потресоа јавноста.

Серијата трагични случаи, меѓу кои и смртта на мајка и ќерка во Скопје на 2 март, за кои институциите посочија дека биле жртви на долготрајно семејно насилство, ја отвори темата за недоволното пријавување и реакција.

По апелите од надлежните институции да не се молчи, сè повеќе жртви се охрабруваат да се обратат во полиција. Податоците од дневните билтени на МВР од 24 март наваму покажуваат дека се регистрирани 42 случаи на семејно насилство.

Меѓу нив е и трагичен случај во Росоман, каде 27-годишен маж со остар предмет ја уби својата мајка. Во други инциденти, на 5 април три жени биле физички нападнати од сопствени сопрузи во Скопје, додека во Штип син нападнал татко.

Дополнително, на 3 април биле приведени четири лица за семејно насилство во Куманово, Тетово, Скопје и Кичево, а само еден ден претходно биле пријавени седум случаи.

Во Куманово, 32-годишен маж бил приведен поради подолготрајно малтретирање и закани кон сопругата. Во Тетово, две жени пријавиле физичко и психичко насилство од партнери, кои веднаш биле лишени од слобода. Во Скопје, полицијата интервенирала во повеќе случаи, вклучително и каде жртви биле малолетници.

Податоците на МВР покажуваат дека проблемот е континуиран. Во 2025 година се регистрирани 1.195 кривични дела поврзани со семејно насилство, со ист број жртви, од кои 1.033 се жени. Бројот на поплаки достигнал 5.436.

Во изминатите години, бројот на вакви случаи останува висок, со над 1.000 кривични дела годишно и илјадници пријави, што укажува на системски проблем.

Во однос на фемицидите, статистиката покажува варијации: 2021 – 4 случаи, 2022 – 2, 2023 – 7 случаи со 9 жртви, 2024 – 5, додека во 2025 се регистрирани 6 убиства на жени.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави законски измени за поефикасно институционално постапување и побрза заштита на жртвите. Измените ќе ги опфатат законите за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, Законот за полиција и Законот за бесплатна правна помош.

Дополнително, Граѓанскиот суд воведе 24-часовно дежурство за итно изрекување мерки за заштита, со цел побрза реакција во итни случаи.

МВР ја започна и кампањата „Не биди нем сведок“, со која се повикува јавноста да реагира и да пријавува насилство. Преку директна комуникација, граѓаните се информираат за достапните услуги и начините за заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни