Секое домашно животно ќе има вграден микрочип: Скандалот со субвенциите од ЕУ ја принуди грчката влада на драстични мерки
По откритијата дека сточарите нелегално регистрирале милиони кози и овци за да добијат милиони субвенции од ЕУ, владата планира дигитални евиденции и построги контроли врз добитокот.
Грчката влада планира да воведе микрочипови за следење на домашните животни и нивно регистрирање во централна дигитална база на податоци, со цел да се врати довербата на јавноста по скандалот околу злоупотребата на европските земјоделски субвенции.
Според акцискиот план доставен до Европската комисија, новиот систем треба да обезбеди точно евидентирање и следење на секој поединец, објавува Euraktiv. Додека системот не биде целосно воспоставен, бројот на животни ќе се проверува врз основа на фактури за продажба на млеко и месо, како и за купување сточна храна. Европското јавно обвинителство претходно откри случаи во кои сточарите на Крит пријавиле многу пати повеќе кози и овци отколку што всушност поседувале, со што добиле нелегални субвенции од Заедничката земјоделска политика на ЕУ.
Според владини податоци, бројот на регистрирани грла во Грција се зголемил од 2,2 милиони во 2020 година на дури 7,8 милиони, што сега претставува околу 45 проценти од вкупниот добиток во земјата.
Најавен протест
Во документот испратен до Брисел, властите се обврзаа на создавање нова дигитална геопросторна мапа на земјата, како и на развој на систем за проверка на сопственоста на земјоделските парцели. Во исто време, незадоволните земјоделци најавија протести во Атина на 11 ноември, обвинувајќи ги властите за недоволно решителна реакција на аферата што сериозно ја потресе земјата.
Минатиот месец, грчката полиција, во соработка со Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (EPPO), уапси најмалку 37 лица осомничени за фалсификување на сопственост на земјиште и добиток со цел да добијат субвенции од фондовите на ЕУ. Истрагата утврди дека во периодот од 2018 до 2022 година, тие нелегално примиле околу 20 милиони евра, од кои најмалку половина се однесува на нелегална помош.
На почетокот на годината, европските обвинители објавија дека постојат докази дека некои земјоделци и државни службеници со години ги лажат европските институции, со поддршка на агенцијата ОПЕКЕПЕ, која годишно распределува околу 2,5 милијарди евра субвенции во Грција.