Иако во историјата на модата, најхрабриот момент на принцезата Дијана е познатиот одмазднички фустан, сепак пред него постои еден, речиси заборавена црна тоалета која уште тогаш го навестуваше нејзиниот моден потенцијал и длабоката внатрешна борба.

Во мај 1981 година, само неколку месеци пред кралската венчавка, деветнаесетгодишната Лејди Дијана Спенсер се појави на нејзиниот прв официјален настан со нејзиниот иден сопруг, тогашниот принц Чарлс. Присутните на хуманитарниот концерт во Голдсмитс Хол имаа можност за првпат да ја видат Дијана во улогата на идната принцеза од Велс, облечена во впечатлив црн тафт фустан без прерамки, дело на дизајнерите Дејвид и Елизабет Емануел, истите дизајнери кои подоцна ќе ја креираат нејзината венчаница.

Инспирацијата дојде речиси случајно: Дијана дојде во нивното ателје барајќи „нешто елегантно“ за вечерна пригода. Кога го пробала откриениот црн тафт корсет, јасно се виде дека бојата и кројот совршено ги надополнуваат нејзините сини очи и златна коса. Сепак, кројот без прерамки и изгледаше премногу смел, па затоа Дејвид Емануел додаде елегантен црн шал за да и ги покрие рамениците, пишува Дејли Меил.

Таа вечер Дијана блесна пред камерите, но зад нејзината насмевка се сокри паника. Подоцна признала дека настанот го доживеала како „страшен“ и дека била парализирана од страв. Во аудио снимките направени за биографијата на Ендрју Мортон, Дијана: Нејзината вистинска приказна – со свои зборови, таа се сеќава: „Не знаев дали треба да излезам прва. Не знаев дали чантата да ја држам во левата или во десната рака. Добро се сеќавам на таа вечер. Бев толку преплашена – речиси болна“.

Дијана се чувствуваше попречена не само од неискуството туку и од самиот фустан: таа тврдеше дека е „два броја помал“ и дека не одговара на сериозноста на приликата. Црната боја предизвика незадоволство кај принцот Чарлс, кој ја потсети дека во кралските кругови тоа е боја на жалост.
Нејзината несигурност ја забележала принцезата Грејс од Монако, која нежно ја однела во женската соба за да разговараат насамо. Принцезата Дијана ѝ се доверила за нејзините чувства на осаменост и страв од она што следува. Со навестување на горчлива иронија, принцезата Грејс потоа и рекла: „Не грижи се, ќе се влоши“.
Таа средба на двете принцези, кои подоцна и двете трагично ги загубија животите во сообраќајни несреќи, останува потресен потсетник за тоа колку внатре се кревки икони.

Дијана подоцна стана глобална модна икона и симбол на хуманитарен ангажман, но зад гламурот остана сенката на несреќниот брак и борбата со сопствениот идентитет. Црниот фустан од 1981 година, многу пред одмаздничкиот фустан, беше првиот знак дека на светот доаѓа жена чиј стил, но и ранливост ќе остави неизбришлива трага.