На двегодишнината од суровата агресија на Русија врз Украина, во КЦ Бруталиск се одржуваат пет бесплатни проекции на документарниот филм „20 дена во Мариупол“,филм за украински воени репортери од Associated Press, затекнати во опсадата на најнастраданиот и речиси уништен град на истокот на Украина и нивно сведоштво за страдањата на цивилите и херојските подвизи на бранителите на градот.
Филмот е на М’стислав Чернов, носител на Пулицерова награда од 2023 и претседател на украинската асоцијација на професионални фотографи, а во продукција на Associated Press и Frontline. „20 дена во Мариупол“, покрај двојната номинација за Оскар, е наградуван на десетици фестивали за документарни филмови, а на минатогодишниот Санденс ја доби наградата од публиката за најдобар документарен филм. По проекцијата новинарот и воен аналитичар Сеад Ризвановиќ одговараше на прашања на публиката, а и на екипата на Трн.
Трн: Што можеме да заклучиме по две години од почетокот на агресијата врз Украина?
Сеад: Можеме да заклучиме дека војната во Украина нема некои назнаки дека ќе заврши брзо, иако сите се надевавме и можеби очекувавме дека ќе дојде до некаква разрешница, ваква или онаква, сепак до тоа нема да дојде. Очигледно е дека војната сè уште има потенцијал да трае, тоа го покажуваат и двете страни, двете страни не покажуваат знаци на некакво попуштање или на некаква желба и или волја за преговарање, бидејќи двете страни се вклучени во активни борби.
Руската армија, се разбира дека потфрли, таа потфрли на секој можен начин од самиот почеток, ако видиме она што се очекуваше, што им беа плановите: да ја освојат цела Украина, да ја освојат целата територија да го сменат украинското раководство.
Ако зборуваме за демилитаризација, тука е уште поголемо потфрлањето, бидејќи Украина од – ајде да речеме, според некои статистики беше единаесетта воена сила во Европа пред почетокот на војната, сега е трета или четврта.
Потфрлено е и во однос на териториите кои Русија ги завзема во Украина, тоа може да се види од она што е држено до 2014 и она што е сега, сега имаме еден појас доле на Азовско Море кај што излегува, каде што имаме едно затворање на копнената граница од Крим до Мариупол и тоа е единствениот плус што го има остварено руската армија.
Трн: Кои се информациските канали кои станаа значајни од почетокот на војната? Дали вестите станаа посебно бојно поле?
Сеад: Тоа е апсолутно, тоа е третата димензија, тоа е асиметричната војна, дел од асиметричната војна која е особено важна не само на бојното поле, не само за пренос на информации, или за нешто што делува на моралот на војниците, или на армиите, туку и за обезбедување на политичка поддршка. Тоа е многу важно и тоа го гледаме. Можеме да кажеме дека е важно за Русија, но и поважно за Украина, бидејќи Украина зависи од помошта на западните партнери, зависи и од перформансите на својата армија, од успесите на бојното поле, па така тие информациски канали станаа буквално главен тек на војувањето, паралелно со главните борби. Инаку, ако зборуваме конкретно за кои канали, јас можам да го истакнам Телеграм, дефинитивно се разви како еден од главните извори на информирање.
Трн: Дали постои руско мешање во европската политичка сцена?
Сеад: Во Европа е евидентно тоа, може да се види. Особено е поврзано со десните, десничарски партии, има голема причина зошто е така, бидејќи тоа е дел од руската стратегија и рускиот наратив: да се поткопа довербата во државите, да се поткопа довербата во општеството, да се поткопа довербата во организациите како Европска Унија и НАТО, тоа е стратегија, некои ќе кажат и легитимна стратегија, тоа е тоа. Но, дали постои? Дефинитивно постои.
Ако го гледаме подемот на Орбан, подемот на десните партии низ цела Европа, веројатно ќе успее да се одбрани (Европа) не е тоа спорно, но мислам дека не го прави тоа доволно ефикасно.
Трн: Што е потребно за да се изгради YouTube канал со 650 илјади претплатници како твојот?
Сеад: Мојот канал е воен канал, не е направен само за Русија и Украина, туку постои од 2016. година. Сега е посветен на Русија и Украина бидејќи тоа е најактуелно во светот во моментов. Тука одговорот е малку поедноставен, потребно е многу работа, буквално многу работа. Не доаѓа тоа преку ноќ, мора да се работи секој ден исто како и редовна работа, тоа е паралелна работа која мора да ја работите секој ден, потребен е многу труд. Од друга страна потребна е и креативност, потребно е одредено знаење како сето тоа да го пласирате… И тоа е формулата, но секој со труд и доколку се реши да се вложи во тоа, јас мислам дека речиси да нема шанси да не успее со оглед на популарноста на YouTube, со оглед на големината на пазарот, бидејќи пазарот е неограничен буквално. Секој ќе најде нешто за себе.