Бројот на загинати во нападот на самоубиец со бомба во црквата „Свети Илија“ во Дамаск се искачи на 22 лица, додека 63 се повредени, соопшти денеска сириското Министерство за здравство.
Според државната новинска агенција САНА, напаѓачот бил припадник на Исламската држава. Иако групата сè уште не ја презела одговорноста за нападот, сириските власти ја поврзуваат со инцидентот.
Силите за безбедност воспоставиле безбедносен кордон околу местото на експлозијата, а спасувачките екипи продолжуваат со пребарување, извлекување на жртвите и евакуација на повредените во блиските болници.
Ова е еден од најтешките напади врз христијанската заедница во сирискиот главен град во последните години.