Се затвора „Излет кафе“ – крај на една култна скопска приказна

По речиси 17 години, просторот што ја обликуваше електронската и алтернативната сцена во Скопје престанува со работа на 1 јануари 2026 година

Излет кафе, едно од најпрепознатливите култни места на скопската електронска и алтернативна сцена, официјално ќе престане со работа на 1 јануари 2026 година. Локалот беше отворено на 31 мај 2009, а речиси 17 години функционираше како простор каде што се создаваше, се споделуваше и се живееше музиката.

Во текот на своето постоење, „Излет“ беше повеќе од кафе-бар – беше платформа за настапи, место за воздигнување на млади и нови артисти и точка на средба за различни музички култури. Речиси сите диџеи и музичари од Македонија, како и значаен број странски артисти, настапиле или поминале низ овој простор.

„Излет кафе“ беше и во длабока симбиоза со легендарниот ноќен клуб СЕКТОР 909, со кој заедно ја обликуваа скопската клупска и електронска сцена. Речиси и да немаше артист што настапил во „СЕКТОР 909“, а да не поминал и низ „Излет“.

Меѓу странските имиња кои настапиле во „Излет“ се вбројуваат: Derrick May, Gary Martin, Ian Pooley, Soichi, Thomas Neuman, Spencer Parker, Love Foxy, Mark Broom, Abu Haqq, Radio Slave, Funk D’Void, Nino Shebelic, Detroit in Effect и многу други.

Од „Излет кафе“ произлезе и издавачката куќа Izlet Music, која оствари интернационални и историски значајни проекти. Меѓу нив се издвојува настапот на Derrick May со Македонската филхармонија во Охрид (02.08.2014), по што следеа изведби во Гент (Белгија), Ница, Париз и Мец (Франција), Мелбурн (Австралија), Лондон (Велика Британија), Детроит (САД) и Приштина (Косово).

Izlet Music го реализираше и проектот „The Originator“ со Juan Atkins и Белградската филхармонија, со настапи во Грузија и на Античкиот театар во Охрид. Овие проекти остануваат трајно запишани во светската музичка историја и претставуваат нескриена гордост за сцената од која произлегоа.

Со затворањето на „Излет кафе“ завршува една важна епоха во културниот и музичкиот живот на Скопје. Организаторите упатија благодарност до сите артисти, соработници, посетители и пријатели кои биле дел од оваа приказна во изминатите години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни