Клиничката слика на папата Франциск, кој е хоспитализиран во римската болница Џемели поради двострана пневмонија, сè уште е сложена, соопшти Ватикан.
„Лекарите, имајќи ја предвид сложеноста на клиничката слика, засега поради претпазливост не ја објавуваат прогнозата – стои во соопштението на ватиканската прес-служба за здравствената состојба на папата Франциско (88)“ – пренесе АНСА.
Од Ватикан беше соопштено дека папата Франциск „вчера наутро ја примил светата причест, додека попладне продолжил со работните активности”.
Од Ватикан беше претходно соопштено дека папата Франциск поминал мирна ноќ во болница, но анализите извршени во саботата покажале дека тој сè уште е во критична состојба, како и дека се наоѓа во почетната фаза на откажување на бубрезите.
Папата од 14 февруари се наоѓа во римската болница Џемели, во која е сместен поради двостраната пневмонија.