Над Македонија денес ќе помине брз, влажен и поладен воздушен бран од северозапад, кој ќе донесе локални врнежи од дожд, ветер и пад на температурите, предупредуваат метеоролозите.
Во претпладневните и раните попладневни часови, времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд во повеќето региони. На северозападните и северните планини, над 1800–1900 метри надморска височина, дождот ќе преминува во снег, што претставува првиот сериозен сигнал за доаѓањето на постуден период.
Бранот ќе биде проследен со засилен ветер од северен и северозападен правец, кој најизразено ќе се почувствува долж Повардарието, каде што се очекуваат налети што локално ќе надминат и 50 километри на час.
Во Скопје и околината, времето ќе биде променливо со повремен локален дожд, а ветерот од север ќе се засилува во текот на денот. Максималната температура во главниот град ќе достигне околу 16 степени, додека на државно ниво температурите ќе се движат меѓу 11 и 18 степени.
Метеорологот Славчо Попоски истакнува дека ова заладување е краткотрајно, но претставува најава за постепено стабилизирање на есенскиот период, со можност за нови влажен бранови кон крајот на неделата.
Во текот на утрото, облачноста од северозапад се зголемува, што се гледа и на најновите сателитски снимки. Во повеќето места утрово било ладно, со температури под 10 степени, а на некои повисоки локации и под 5 степени.
Според прогнозите, вечерва и во текот на ноќта врнежите постепено ќе престануваат, но ќе остане ветровито и свежо.
Попоски препорачува граѓаните да бидат внимателни при движење, особено во повисоките делови на земјата и по отворените патишта, каде што засилениот ветер може да создаде краткотрајни проблеми во сообраќајот.