Иранскиот сценарист и активист за човекови права Мехди Махмудијан, коавтор на филмот „Тоа беше само несреќа“ на режисерот Џафар Панахи, кој е номиниран за Оскар, е уапсен во Техеран поради потпишување отворено писмо во кое остро се критикува иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи и начинот на кој властите се справуваат со масовните протести во земјата.
Веста за апсењето ја потврди американската дистрибутерска куќа NEON, која соопшти дека Махмудијан бил приведен заедно со уште двајца потписници на писмото – новинарката Вида Рабани и политичкиот активист Абдолах Момени. Вкупно 17 истакнати јавни личности го потпишале писмото, меѓу кои и самиот Џафар Панахи, добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади, како и режисерот Мохамад Расулоф, кој моментално живее во егзил во Германија.
Во писмото, потписниците директно го обвинуваат Хамнеи за, како што наведуваат, „масовно и систематско убивање на граѓани“ за време на антирежимските протести што започнаа во декември, поттикнати од длабоката економска криза, инфлацијата и растот на трошоците за живот. Според иранските власти, над 3.000 луѓе загинале во немирите, додека организациите за човекови права проценуваат дека бројката е значително поголема и може да достигне десетици илјади.
Апсењето на Махмудијан предизвика силни реакции во меѓународната културна и политичка јавност. Поранешната германска министерка за култура Клаудија Рот го осуди потегот на иранските власти, оценувајќи го како „директен напад врз уметничката слобода и дел од систематските обиди на режимот да ги замолчи критичките гласови“.
Режисерот Џафар Панахи, кој и самиот има долг историјат на прогони и затворања од страна на иранските власти, објави емотивна изјава во која го опиша Махмудијан како „морален столб“ меѓу затворениците. Панахи откри дека со Махмудијан поминал седум месеци во затвор и дека токму неговото искуство од затворскиот систем било клучно при доработката на сценариото за филмот „Тоа беше само несреќа“.
Филмот, кој ја освои Златната палма на Канскиот филмски фестивал минатата година, е номиниран за Оскар во категориите за најдобро сценарио и најдобар меѓународен филм. Станува збор за првиот филм на Панахи по неговото ослободување од затвор и е делумно инспириран од личните искуства на режисерот со репресивниот ирански правосуден систем.
Во меѓувреме, и самиот Панахи се соочува со нови правни последици во Иран, откако лани беше осуден во отсуство на една година затвор и доби забрана за патување поради „пропаганда против државата“. Тој најави дека, и покрај меѓународниот успех, ќе се врати во Иран по завршувањето на сезоната на награди.
Извор: Euronews, со информации од NEON
