Scary Movie повторно на малите екрани

Излезе првиот трејлер за новото продолжение, во кое се враќаат Марлон и Шон Вејанс, Ана Ферис и Реџина Хол

Култната хорор-комедија Scary Movie се враќа на големото платно со ново продолжение, а објавен е и првиот официјален трејлер за филмот.

Во новиот филм повторно се појавува дел од оригиналната актерска екипа, меѓу кои Марлон Вејанс, Шон Вејанс, Ана Ферис и Реџина Хол, ликови кои ја обележаа популарната пародиска франшиза од почетокот на 2000-тите.

Филмот едноставно го носи насловот „Scary Movie“, по примерот на некои современи хорор продолженија што се враќаат на оригиналниот наслов на франшизата.

Култна франшиза од почетокот на 2000-тите

Првиот филм Scary Movie беше објавен во 2000 година и стана огромен кино-хит, заработувајќи значително повеќе од филмот Scream, кој беше една од главните инспирации за пародијата.

Досега се снимени пет филмови од серијалот. Првите два ги режираше Кинан Ајвори Вејанс, додека следните два беа режирани од Дејвид Закер. Последниот филм од франшизата излезе во 2013 година.

Новото продолжение го режира Мајкл Тидес, додека браќата Вејанс повторно се вклучени како сценаристи и продуценти.

Пародија на новите хорор хитови

Во трејлерот за новиот филм се појавуваат референци на современи хорор хитови како Scream VI, M3GAN, Halloween и Terrifier, што укажува дека франшизата ќе продолжи со традицијата на пародирање на најпопуларните хорор филмови од своето време.

Трејлерот за новото Scary Movie премиерно беше прикажан во кината заедно со филмот Scream 7, а потоа беше објавен и на интернет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни